Судот во Унгарија го одби и второто барање за екстрадиција на експремиерот Никола Груевски кое го поднесе македонското Министерство за правда. Причината е одобрениот азил.
Реклама
Никола Груевски останува во Унгарија откако тамошните власти го одбија и второто барање за негова екстрадиција. Судот во Унгарија во јуни годинава го одби барањето за израчување на експремиерот кој се бараше за издржување двегодишна затворска казна за случајот „Тенк“. Овојпат, унгарските власти го одбија и новото барање кое беше поврзано со обвинувањето за Груевски за насилниот упад во Собранието на 27 април 2017 година.
Унгарскиот суд заклучил дека Груевски не може да биде екстрадиран затоа што веќе му е одобрен азил во земјата.
Груевски избега од С. Македонија во ноември 2018 година. Преку Албанија, Црна Гора и Србија, и со користење на унгарски дипломатски пасаван тој тогаш успеа да стигне до Будимпешта, каде подоцна му беше одобрен и азил. Оттогаш Груевски не се враќа во земјата, а најчесто преку Фејсбук испраќа политички пораки и тврди дека е жртва на политички монтирани процеси.
Никола Груевски: како реформаторот стана бегалец
Од надежен реформатор, преку корумпиран автократ до бегалец од правдата. Поминаа 20 години од стапнувањето на политичката сцена до бегството во Унгарија. Политичката кариера на Никола Груевски низ фотографии.
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff
Референдумска битка
Кариерата на Груевски во политиката започна во првата влада на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од Љубчо Георгиевски, во 1998. како министер за трговија, а продолжи како министер за финансии. Но искачувањето до врвот на македонската политика, Груевски го започна во 2004., по неуспешниот референдум против територијалната поделба, откако претходно успешно го одбрани партискиот престол во хотелот Панорама.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/S. Ilic
Преродбата во 100 чекори
На парламентарните избори во 2006 ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски извојува убедлива победа. Младиот технократ ветуваше економска преродба на земјата и брзо членство во ЕУ и НАТО. Граѓаните му ја дадоа довербата на гласањето на 5 јули, но ретко кој очекуваше дека Груевски неограничено ќе владее и во следните 10 години.
Фотографија: AP
Поддршка од Западот
Младиот премиер во првите години уживаше голема поддршка од меѓународната заедница и особено од сестринските партии во Европа. Веќе во октомври 2006. беше пречекан во Берлин од канцеларката Ангела Меркел со воени почести. Западните политичари во него гледаа надеж за земјата и за регионот и пресврт од дотогашната националистичка политика.
Фотографија: AP
На крилата на поразот од Букурешт
Преродбата на Груевски продолжи на изборите во 2008 година кои ги доби со огромно мнозинство благодарение пред сѐ на националистичката кампања која во прв план го имаше фијаското на Самитот на НАТО во Букурешт и паролата „името не го даваме“. Оттогаш започна и непреченото владеење на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: AP
Скопје 2014
На крилата на големата изборна победа, Груевски го стави во погон проектот „Скопје 2014“. Целта беше да „се зајакне“ идентитетот на народот и да му се покаже на светот дека Македонците не се дрво без корен. Исходот: потрошени речиси 600 милиони евра народни пари на споменици и неокласични објекти кои завршуваа во џебовите на фирми блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Партнерот во сенка
На претседателските избори во 2009 година победата на Ѓорге Иванов ја заокружи комплетната контрола на власта на ВМРО-ДПМНЕ. Иванов ќе биде реизбран во 2014 година и до денес ќе остане верен следбеник на својот политички ментор- Груевски. На поддршката ќе возвраќа повеќепати, прво со општата аболиција во 2016 година, а потоа и со одбивањето да му го даде мандатот на Заев во 2017.
Кога во февруари 2015. Заев започна да ги објавува прислушуваните материјали, Груевски беше на зенитот на својата моќ - неприкосновен во партијата и државата. Серијата протести таа година го потресоа, но не го загрозија посериозно. Дури откако се вмеша и меѓународната заедница, а Иванов мораше да интервенира со аболиција, граѓаните масовно почнаа да излегуваат на улиците во Шарената револуција.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Новата ера (не) започна
Тешкиот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017, значеше и крај за Груевски на чело на партијата. Новата ера која ја најавуваше, не се случи. Она што од денешен аспект е интересно, е средбата со Орбан во септември 2017 во Охрид, на која наводно и паднала понудата за азил од страна на унгарскиот премиер. По неколку месеци на чело на партијата Груевски беше заменет од Христијан Мицкоски.
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski
Лице од потерница
Откако пресудата за двегодишната затворска казна во случајот „Тенк“ на СЈО стана правосилна, се очекуваше Груевски да се јави на издржување на казната. Но, тој се јави на Фејсбук од Будимпешта од каде порача дека „ќе остане верен на каузата на Македонија“. МВР, веројатно задоцнето, одлучи да трага по експремиерот со потерница.
Фотографија: Innenministerium der Republik Mazedonien
Наследството на Груевски
Дали Никола Груевски ќе биде испорачан назад во Македонија каде се соочува со уште четири судски процеси, во моментов може само да се шпекулира. Зад себе остава долго досие на злоупотреби и криминал, и држава која во последните години од неговото владеење се најде во изолација и беше предмет на жестоки критики и потсмев во демократскиот свет.