1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Петер Марки-Зај ќе ја предводи опозицијата во Унгарија

Ноткер Оберхојзер
18 октомври 2021

Шест досега разединети опозициски партии сега ќе зборуваат со еден глас - конзервативниот аутсајдер Петер Марки-Зај како кандидат на опозицијата ќе го предизвика унгарскиот премиер Орбан на изборите во 2022 година.

Ungarn - Vorwahlen der Opposition
Фотографија: Laszlo Balogh/AP/picture alliance/dpa

Петер Марки-Зај победи изненадувачки на предизборите организирани од страна на опозицијата во Унгарија, со значителна предност пред социјалдемократската ривалка Клара Добрев. Според податоците на Комисијата за предизборите, Марки-Зај освоил 56,71% од гласовите, додека Добрев има 43,29%. Вакви предизбори во Унгарија се одржаа првпат. Шест досега разединети опозициски партии - од леви до десноконзервативни - би требало да му дадат поддршка на победникот на предизборите во борбата против Виктор Орбан.

Младите одлучија

Марки-Зај изјави дека на опозицијата сега може заеднички да ѝ успее да го победи Орбан. „Излезот не е ниту десно ниту лево, туку само напред“, рече тој и додаде дека со Добрев се единствени во ставот оти заедништвото на опозицијата не може да се уништи.

„Ова е револуција на обичните луѓе“, нагласи Марки-Зај. Резултатот од предизборите го одлучиле младите. Просечната возраст на луѓето кои гласале за Марки-Зај е под 40 години. Негова силна страна: како конзервативец од унгарската провинција, католик и татко на седум деца, тој им се обраќа успешно на избирачите во провинцијата кои се настроени конзервативно, а кои можеби не се веќе убедени дека Орбан е најдобра опција.

Резултатот од предизборите го одлучиле младитеФотографија: ATTILA KISBENEDEK/AFP

Истовремено, Марки-Зај не ги плаши ниту левичарски настроените избирачи од големите градови, затоа што го поврзува конзервативизмот со отвореност кон светот, толеранција и способност за компромиси.

Марки-Зај студирал економија, електротехника и историја. Од 2004 до 2009 година со семејството живеел во Канада и САД. Во политиката се вклучи дури во 2018 година. Тогаш, исто така изненадувачки, победи на изборите за градоначалник во Ходмезевашархеи. Местото дотогаш важеше за упориште на партијата на Орбан, Фидес. Во годината потоа Марки-Зај ја повтори победата. Тој најави дека сака да ги анулира спорните закони на Орбан и да го воведе еврото.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми