1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарската опозиција се обединува против Орбан

СН/агенции
21 декември 2020

Шест унгарски опозициски партии се договорија да формираат сојуз со намера да го сменат од власт премиерот Виктор Орбан и неговата владеачка партија Фидес на парламентарните избори во 2022 година.

Belgien | EU Gipfel | Viktor Orban
Фотографија: Olivier Hoslet/AP/picture alliance

Најзначајните опозициски партии во Унгарија се договорија да имаат една изборна листа на државно ниво и по еден заеднички кандидат кој ќе се спротистави на Фидес во секоја изборна единица. Тие ќе избираат и еден заеднички кандидат за премиер кој ќе се спротистави на Орбан, кој трипати по ред победуваше на изборите и ја води земјата од 2010 година.

Идеолошки различните партии, либерални, десничарски и еколошки, соопштија дека ги оставаат на страна разликите за да дојде до „историски промени“. „Унгарскиот народ има прва вистинска шанса во последните 10 години да се ослободи од корумпираното и нечесно владеење на Фидес“, се наведува во соопштението.

Фотографија: Getty Images/L. Balogh

Неодамнешните истражувања на јавно мислење покажуваат дека обединета опозицијата може да го загрози останувањето на власт на Фидес, по едно десетлетие.

Повеќе:

-Унгарија: Секс-скандалот го потресува системот на Виктор Орбан

-Илјадници Унгарци на протест за слобода на медиумите

-Практичната траума на Виктор Орбан

Ноемвриското истражување на „Паблик рисрч“ покажа дека 6 опозициски партии заедно имаат 4 поени предност во однос на Фидес, додека според резултатите на друга агенција, кои се објавени месецов, поддршката за владеачката партијаопаднала за 6 поени во однос на август. Фидес и натаму е најпопуларна партија во Унгарија.

Меѓународните набљудувачи парламентарните избори во Унгарија во 2014 година ги опишаа како „слободни, но не и чесни“, а Организацијата за европска безбедност и соработка во извештајот по изборите во 2018 година, наведе оти изборната кампања ја обележале „заплашување и ксенофобна реторика, пристрасност на медиумите и нетранспарентно финансирање на кампањата“.

На крајот на ноември Орбан го собори 130-годишнот рекорд и стана унгарски премиер со најдолг стаж во историјата, вклучувајќи го и неговиот прв мандат од 1998 до 2002 година.Опозициските партии во заедничкото соопштение ветија дека ќе ја исчистат земјата од корупција, ќе ја вратат слободата на медиумите, ќе изградат нов устав и ќе ги изменат изборните закони.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми