1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Орбан сам дома

Штефан Ожват
8 декември 2020

Премиерот Виктор Орбан со ветото против буџетот на ЕУ очигледно се пресмета на внатрешнополитички план. Големо мнозинство Унгарци се проевропски настроени и го отфрлаат ветото.

Belgien I EU-Sondergipfel zur Bewältigung der Corona-Wirtschaftskrise
Фотографија: picture-alliance/dpa/AFP Pool/J. Thys

Во паркингот пред трговскиот центар Зигендорф во Бургенланд, Австрија, станува јасно колку е близу Унгарија: секој трет автомобил има унгарски регистерски број, а окружниот град Сопрон зад границата е оддалечен само неколку километри. „Доаѓам често за да купувам“, вели еден муштерија, туркајќи ја својата количка. Тој е полицаец, што го прави единствениот Унгарец на паркингот кој не патува во Австрија за да работи.

„Имавме среќа да станеме членка на ЕУ“, вели државниот службеник, кој претпочита да остане анонимен. Му пречат постапките на владата во Будимпешта и притоа во прв ред мисли на „споровите меѓу Брисел и Будимпешта“ и пред сè  на ветото на владите во Будимпешта и во Варшава против планираното врзување на исплатите од буџетот на ЕУ со придржувањето кон владеењето на правото. Унгарија и Полска во моментов не само што го блокираат буџетот на ЕУ за следните седум години, туку и помошта на ЕУ за корона-кризата од вкупно 1,8 трилиони евра.

Корупцијата - најголем проблем

Орбан шпекулираше дека другите 25 членки на ЕУ ќе го исфрлат условот за владеење на правото „за да добијат пристап до помошта за корона-кризата“, вели Даниел Хегедис од германскиот Маршалов фонд. „Планот не се исполни“, изјави политикологот за ДВ, бидејќи владеењето на правото игра сè поважна улога во домашната политика во Холандија и во Данска. „Владата на Орбан го занемари фактот дека во земјите членки и во Европскиот парламент се формираше еден вид коалиција за владеење на правото“, вели Хегедис.

Германскиот политиколог Даниел ХегедисФотографија: DW/A.M. Pedziwol

Повеќе:

-Оправдано ли е ветото на Полска и Унгарија за буџетот на ЕУ? 

-Унгарија: Секс-скандалот го потресува системот на Виктор Орбан

-Вето за ЕУ и обединета Европа

И во неговата земја се чини дека унгарскиот премиер, кој инаку поседува сигурен политички инстинкт, изгубил контакт со својот народ кога станува збор за ветото. 77 проценти од Унгарците сметаат дека поврзувањето на исплатите од  ЕУ со почитувањето на правната држава е исправно, покажа неодамнешното истражување нарачано од Европскиот парламент во Стразбур. Не е ни чудо - корупцијата е секојдневие за Унгарците, а секогаш одново за корупција се сомничат и членови на семејството Орбан.

Притоа не станува збор само за поединечни случаи, туку очигледно генерално многу европски средства за помош потонуваат во темни канали. Според индексот на корупција на Транспаренси, Унгарија е на претпоследното место меѓу земјите од ЕУ.

15 проценти го поддржуваат ветото на Орбан

Многу Унгарци веќе подолго време во анкетите велат дека  корупцијата е еден од главните проблеми во земјата. Затоа Орбан не може да ги убеди повеќето граѓани во исправноста на неговото вето во Брисел. Само 15 проценти го поддржуваат, покажа неодамнешната телефонска анкета

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и соругата Анико ЛеваиФотографија: Reuters/B. Szabo

Мнозинството Унгарци, сепак, веруваат дека овој потег може да предизвика голема економска штета на земјата - дури и на краток рок. Според извештаите, Комисијата веќе планира брзо да ја исплати барем помошта за корона-кризата. Според клучот за дистрибуција за првата транша, Полска и Унгарија може да изгубат вкупно 23 милијарди евра.

Балаш Наѓ и неговата сопруга Хенриета на паркингот во супермаркет близу границата во Зигендорф исто така сметаат дека даночните обврзници во ЕУ имаат право да знаат што се случува со нивните пари. Но, бизнисот и политиката треба да бидат разделени, вели Балаш Наѓ: „Кај ветото во прашање е политика“.

Премиерот Орбан исто така би сакал да ги раздвои парите од политичкиот морал. Владата во Будимпешта инсистира  на тоа дека Унгарија од Брисел и онака да го добива само она што ѝ припаѓа. Балаш Наѓ се согласува: „Она што Унгарија го уплаќа, тоа го добива назад“.

Унгегзит?

Но, бројките од агенцијата за статистика на ЕУ, Евростат велат друго: Варшава и Будимпешта се најголемите нето-приматели во Унијата. Минатата година две милијарди евра влегоа во Полска, пет милијарди евра во Унгарија, а самата Будимпешта уплаќа само околу една милијарда евра во буџетот на ЕУ.

Наѓ не сака да прифати дека неговата татковина е вториот по големина нето-примател на ЕУ: „Бројките лажат, исто како што многу нешта во Брисел се лага“. Брачната двојка Наѓ работи во месарница во пограничната заедница Лоиперсбах.

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Balogh

Оваа работа во моментов сè уште се исплаќа, вели тој - двојката има полза од отворените граници на ЕУ. Како и да е, Наѓ смета дека членството на Унгарија во ЕУ на долг рок e хендикеп. „Брисел е премногу либерален. Тоа не се вклопува во христијанско-конзервативните нешта кои ги застапува мнозинството Унгарци и Полјаци“,  вели тој.

И премиерот Орбан некогаш повеќе, понекогаш помалку директно, резонира за предностите на напуштањето на ЕУ. Во неговото последно неделно обраќање минатиот петок, тој зборуваше за фактот дека Велика Британија, за разлика од несмасната ЕУ, брзо ја одобри корона-вакцината.

И поддржувачите на Орбан сакаат да останат во ЕУ

Политикологот Даниел Хегедис од германскиот Маршалов фонд смета дека е „нереално“ Унгарија да ја напушти ЕУ. Поголемиот дел од унгарскиот извоз оти на внатрешниот пазар на ЕУ, а на економијата на Унгарија ѝ беа потребни парите од Брисел. Исто така: „Унгарското општество и голем дел од електоратот на Орбан не би го поддржале излегувањето на Унгарија од ЕУ“, вели Хегедис. И покрај анти-ЕУ реториката на владата, Унгарија е сè уште едно од најпроевропските општества во Унијата. Од друга страна, излегувањето на Унгарија би било „поздравено помалку со жалење, а повеќе со олеснување во многу европски метрополи“, смета политикологот.

Виктор Орбан е виновен за ова, вели полицаецот на паркингот во Бургенленд. Унгарскиот премиер сега треба да се договори со Еврокомисијата наместо да се потпира на кавга. Муштеријата во супермаркетот пак посакува во одреден момент веќе да не „покажуваат со прст кон Унгарија“, туку „земјата да биде перципирана како нормална членка на ЕУ“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми