1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Универзален полнач за електроавтомобилите во Европа

26 мај 2011

За да може еден француски електроавтомобил без проблеми да полни енергија на „електро-пумпите“ во Холандија и Шпанија треба да има вградено универзален полнач. Во Европа се води битка за стандарден полнач.

Elektroautos in Berlin, 2011, Foto: Richard Fuchs, Alle Rechte an die Deutsche Welle abgetreten. Foschungsprojekt Be Mobility - Berlin Elektro Mobil, unter anderem der DB Rent
Електроавтомобилите треба да можат да се полнат на секоја „електро-пумпа“Фотографија: DW

Во фирмата што се наоѓа во местото Кирххундем, во германската покраина Саарланд, работат околу 400 работници. Овде се изработуваат универзални штекери. Средно големата фирма „Менекес“ во седумте децении од нејзиното постоење се разви во вистински специјалист за производство на штекери. Фирмата важи дури за водечка на светскиот пазар.

Во магацините има секојдневно повеќе стотици различни видови штекери што можат во секој момент да се состават според желбите на муштериите. Валтер Менекес е шеф и основач на фирмата. Тој, заедно со неговиот тим, веќе три години работи интензивно на новиот штекер за електроавтомобилите во Европа. Станува збор за проект тежок повеќе милијарди евра, како во Европа, така и во светот:

„Секој, кој веќе барем еднаш бил во странство и сакал да вклучи фен за сушење коса или апарат за бричење, знае колку е тешко да се работи со адаптер. Со мобилните телефони имавме иста ситуација, па најдоа решение со универзалниот систем на штекери. Сметам дека вакво нешто е многу полесно за сите корисници, односно за сите возачи на автомобили“, објаснува Валтер Менекес.

Системот од Менекес технички е најдобар

Универзален штекер за електроавтомобилитеФотографија: DW

До сега автопроизводителите имаа различни системи. Меѓутоа, само со универзален штекер ќе може да се полнат електроавтомобилите со енергија на секоја „станица за гориво“ во Европа: „Сите европски автопроизводители се одлучија за нашите Менекес штекери. Дури и големите концерни за производство на електрична енергија, како Енергија Франција, германскиот РВЕ и ЕОН и италијанскиот снабдувач со енергија ЕНЕЛ, сите се одлучија за нашиот производ. Тие рекоа: ова во моментов, од електротехничка гледна точка, е најдоброто нешто што можеме да го најдеме на пазарот“, објаснува сопственикот на фирмата Валтер Менекес.

На фирмата Менекес и’ појде од рака успешно да ги реши сите технички проблеми што се појавија при конструрањето и подготовката на штекерот за полнење на електроавтомобилите, како на пример различните електрични напони. Меѓутоа, долгогодишната борба со европската бирократија се’ уште трае. Политичарите во Франција, на пример, се обидуваат да го спроведат својот национален систем, вели Фолкер Лацаро, шеф на одделот за развој во фирмата Менекес: „Се’ се сведува на тоа системот да биде признат на меѓународно ниво. Притоа не се работи само за техничкиот пронајдок, туку покрај тоа има уште многу комуникација, односно разговори со крајните потрошувачи, кои во иднина треба да се одлучат за овој систем. Така паралелно водиме разговори со луѓето кои се задолжени за стандардизирање, со автопроизводителите и со големите енергетски концерни. Сето ова ќе потрае уште некое време“, вели Лацаро.

Системот на фирмата Менекес треба да го помине и пробниот тест во практика. Тестовите се прават на повеќе од 600 локации, а во нив учествуваат европски автопроизводители и енергетски концерни од цела Европа. Меѓутоа, клиентите веќе сега се задоволни со германскиот систем.

Автор: Дан Хиршфелд / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми