1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ДУИ на „стаклени нозе“

Катерина Блажевска22 септември 2015

Актуелни членови на ДУИ формираат нова граѓанска партија. Ахмети загрижен, бидејќи и други субјекти повикуваат на окончување на доминацијата на ДУИ. Се најавуваат и други граѓански иницијативи

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Се раздвижува македонската плуралистичка сцена. Унитети (Единство) е името на новата партија за чија регистрација интензивно се собираат потписи на теренот, а нејзини иницијатори се лица од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Spiritus movens на партијата во формирање е Гзим Острени (73), шеф на главниот штаб на ОНА во 2001 година и поранешен Генерален секретар на ДУИ, а spritus agens е актуелниот пратеник на ДУИ и член на партиското Генерално собрание, Зулфи Адили. Тие и неколку нивни истомисленици се иницијалното јадро кое привлекува се поголем број приврзаници кон платформата на новиот партиски субјект. Велат дека отсуството на реформи во партијата и опкруженоста на Ахмети со криминогени структури, ги принудило да свртат „нова страница“. Адили вели дека новата партија ќе биде граѓанска, во неа нема да доминира етничкиот концепт и ќе биде отворена за сите. Иако во новиот субјект медиумите веќе ги „сместија“ и пратеникот Рафиз Алити, организацискиот секретар на ДУИ Хазби Лика и градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари, иницијаторите негираат нивна партиципација.

Превирањата во ДУИ имаат подолга историја, иако првите симптоми јавно излегоа на површина минатата година. Тогаш тројца пратеници ја откажаа поддршката на уставните измени, а несогласувањата особено доминираа за време на изборите за локалните ограноци. Поради состојбите во партијата оставки поднесоа неколку функционери, а незадоволството кулминираше по престрелка во Куманово, во која беше убиен еден од кандидатите за претседател на огранокот. Покрај Ахмети, мета на критика перманентно беа Муса Џафери, Теута Арифи, Абдилаќим Адеми и уште неколку партиски „моќници“.

Седница на раководството на ДУИ (архива)Фотографија: DW/S. Toevski

Ахмети загрижен

Во ДУИ денес никој јавно не сака да зборува за внатрепартиските состојби. Раководството е недостапно, а од Центарот за информирање на ДУИ кусо одговараат дека досега не добиле ниедна информација дека некој од членовите отстапил од членството. Но, според партиски извори кои сакаат да останат анонимни, со ваквата изјава всушност се прикрива нервозата што владее во ДУИ.

„Ахмети е многу загрижен. Нему му се изместува тлото под нозете и тој е свесен за тоа. Тој лично бил информиран од иницијаторите за нивната намера, откако не одговорил на нивните барања за реформи во партијата и на укажувањата дека треба да се збогува со лицата со криминални хипотеки, кои со години држат високи партиски функциии и ја узурпираат ДУИ за лични цели. Откако не успеаја да наметнат иницијатива за промени, тие решија да формираат нова партија“, објаснува партиски извор, кој планира да остане во матичната партија, со надеж дека таму сепак ќе се случат промени. Според него, во партијата во моментов владее голема недоверба, бидејќи никој не знае дали во моментот разговара со лојален член на ДУИ или со потенцијален член на новата партија. Поради тоа, Ахмети повторно се повеќе „се затворал“ во истиот тесен круг од партиски лица, кои биле главната причина за ваквиот епилог.

И други партиски членови потврдуваат дека „во партијата врие“. Признаваат дека во почетокот и самите не биле сигурни дали станува збор за автентичен раскол или Ахмети планирано создава „резервна партија“. Но, сега се сигурни дека е во прашање автентична иницијатива. Според нивни сознанија, ваквата состојба предизвикала загриженост и кај коалицискиот партнер на Ахмети, Никола Груевски, бидејќи со ослабеното влијание на ДУИ кај гласачите губи кредибилетет Владата, но и поради страв дека ваквиот „модел“ може да охрабри дел од постарите членови на ВМРО-ДПМНЕ да формираат нов партиски субјект.

Нови движења

Ова не е единствен знак за раздвижување на партиската сцена. Деновиве бизнисменот Трифун Костовски најави формирање на Движење како натпартиска и мултиетничка организација, кое ќе понуди нов концепт за општествен и економски развој, а не е исклучено истото да прерасне во партија. Се повеќе се шпекулира и дека неколку помали партии размислуваат да се обединат во нов субјект позициониран во центарот, за да се дистанцираат и од левицата и од десницата. Истовремено, Централниот Одбор на движењето „Беса“ понуди опозициска платформа за формирање заеднички опозициски фронт со сите прогресивни сили во земјата, „за конечно да се отстрани структурата на ДУИ од албанската политичка сцена во Македонија“.

Трифун КостовскиФотографија: DW

„Повлекуваме иницијатива - значи без никакви претензии за патронажа на Движењето Беса, со цел да се иницира формирање на натпартиски Совет во кој Беса ќе биде само еден од субјектите кои ќе го водат Советот, а во чиј состав ќе бидат повеќе опозициски политички субјекти, но и НВО, интелектуалци, аналитичари, бизнисмени, артисти, спортисти, сите што сакаат да ја спасат нацијата од оваа деградирачка структура во Македонија. За нас не е веќе најбитно како ќе се дојде до листите за пратеници или кои ќе бидат идните припадници на власта, туку е битно за на 24 април 2016 година да заврши овој начин на политичко претставување на Албанците од страна на ДУИ“, велат од Движењето, додавајќи дека сите се исправени пред историска одговорност за спас на нацијата и победа над криминалот, корупцијата и предавството.

Во зависност од тоа каков изборен модел ќе договорат партиите потписнички на Договорот од 2 јуни, за што деновиве активно се разговара во работната група, наскоро ќе биде извесно дали и други партиски субјекти ќе никнат во транзицискиот период и колку со тоа ќе се наруши доминацијата на сегашната „четворка“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми