1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНИЦЕФ: На сириските деца им е неопходна психолошка помош

ЕМФ/дв/миа11 март 2014

Три години по избивањето на граѓанската војна во Сирија УНИЦЕФ вклучува аларм. Според Детскиот фонд на ОН, на околу два милиони деца во Сирија им е неопходна психолошка помош.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„За децата во Сирија изминатите три години беа најдолгите во нивниот живот“, изјави директорот на УНИЦЕФ Ентони Лејк во Њујорк. Многу деца не знаат за ништо друго освен за војна.

Илјадници деца го загубија својот живот, останаа инвалиди, останаа без детство, ги загубија своите училишта и наставници, браќа и сестри, пријатели, останаа без заштита, домови и стабилност. Наместо да учат и играат, многумина од нив се принудени да работат, да се борат или се осудени на сиромаштија, се констатира во извештајот на УНИЦЕФ на оваа тема.

Во извештајот се документирани одделни судбини кои треба да служат како пример за она то го доживуваат децата во Сирија. Таков е случајот на четиригодишниот Аднан, кој има повреди на лицето од бомбардирање. Неговото семејство избегало заедно со него во Либан, но тој се‘ уште страда. „Секоја ноќ се буди врескајќи“, вели мајка му. „Страв му е од се‘ и не сака да остане сам, дури ниту ако е тоа за само една секунда“, цитирани се во извештајот зборовите на мајката на Аднан.

Состојбата на сириските деца во бегалските кампови во соседните земји не е многу полесна од ситуацијата на децата во Сирија. Секое десетто дете во камповите веќе било принудено да работи, а секое петто сириско девојче во Јордан било принудено да се омажи против своја волја и пред полнолетство.

УНИЦЕФ изработи план од шест точки со кој би требало да се подобри состојбата на децата. Насилството мора да престане, а на хуманитарните организации треба да им се овозможи пристап до оние на кои им е неопходна помош, бара УНИЦЕФ. Освен тоа, треба да се спречи експлоатација на децата и да се инвестира во образование на децата. „Оваа војна мора да заврши за децата да се вратат дома и да се обидат повторно да го изградат животот“, нагласи Лејк.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми