1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урбана мафија го уништува Скопје

Костадин Делимитов
13 октомври 2016

Градежно силување наместо просторно разубавување! Граѓаните алармираат, експертите предупредуваат - целиот процес веќе смрди на голема пералница на пари!

Mazedonien Bauarbeiten Riesenrad in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Бетонски ѕидини, бензиски станици, трговски центри. Градежната експанзија во Скопје зема сѐ поголем замав. Дел по дел се запоседнува секоја слободна зелена површина на која никнуваат огромни станбени комплекси. Веќе и да нема уличка во поширокото централно подрачје каде не се издигнува , или се подготвува да се издигне бетонско здание пошироко, подолго и повисоко од соседните. Овој тренд, кој веќе стана и правило, не запира, туку напротив, уште повеќе засилува периодов кога наближува терминот за избори, посебно локалните.

Градежно силување

Упатените предупредуваат дека градежните маркички се доделуваат буквално „на ангро“, а едно по едно се множат и „изненадувањата“ што се објавуваат преку урбанистичките планови кои се цртаат и менуваат преку ноќ. Граѓаните алармираат дека процесот на урбано разубавување одамна е претворен во градежно силување. Експертите пак предупредуваат на опасен тренд кој предизвикува ненадоместливи штети врз животниот простор. Сѐ погласно се сомневаат дека целиот бизнис веќе ја напуштил економската логика и се претвора во проект за матни финансиски зделки:

„Енормните размери на бетонирање на секој зелена површина е само знак дека црниот капитал, како домашна или странска инвестиција, го има во огромни количества и еден од начините тој да се испере, а притоа и да се му се мултиплицира вредноста, е да се вгради во облик на недвижност во атрактивни урбани средини. Економска логика во овој процес има, но таа е само во профитот на приватниот инвеститор и во личниот интерес на моќниците од локалната и централната власт кои, злоупотребувајќи ги своите службени функции, создаваат услови за профитерство на сметка на јавниот интерес, за сметка на јавното добро, за сметка на одржливиот развој на една држава, загрозувајќи ја безбедноста и иднината на граѓаните“, предупредува Дијана Мицковиќ, инженер и архитект.  

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Урбаната мафија и бескомпромисната битка за профит, според Мицковиќ, се само уште една деструктивна последица на транзицискиот период кој ги зафати сите поранешни социјалистички земји. За жал, вели таа, во Македонија тоа трае предолго, така што сите процеси со кои земјата требаше да се трансформира во крајно позитивна насока преземајќи ги позитивните искуства од Европската унија, им овозможиле на властите, бескомпромисно, континуирано, крајно деструктивно уништување и грабеж на државните ресурси во нетранспарентни и криминални процеси, во кои државната сопственост и државните ресурси се пренесуваат во рацете на приватници:

„На една ваква, крајно криминализирана општествена сцена, и на локално ниво и на централно ниво, и со слабо развиена граѓанска свест, властите, сосема комотно, процесот на отуѓување на државните и природните ресурси ги публикуваат како јавен интерес, како развој и разубавување. И да, во вакви услови, граѓаните, граѓанските права и нивниот глас се заложници во овој процес на кражбa на јавен интерес, државни ресурси, услови за живот и безбедност. За жал, на удар е и земјата, како јавен простор, како државно земјиште или пак како приватно земјиште кое се купува евтино, но во сите случаи се врши нарачана урбанизација со пренамена на истото во градежно земјиште и со урбанистички услови само според потребите и желбите на инвеститорот. Најстрашната последица од ова е што земјата претставува необновлив ресурс неопходен во процесот на одржлив развој на една држава“, предупредува Мицковиќ.

Фотографија: DW/K. Ozimec

Граѓанските активности се дискредитираат

Граѓанскиот крик и мобилност во битката за заштита на јавниот простор е сѐ поприсутен, но ефектите изостануваат. Проблемот, според упатените, е што нивните активности политички се етикетираат и дискредитираат и речиси воопшто и не добиваат медиумска јавност, но тоа не треба да обесхрабрува, туку напротив. Гласно и одлучно да се застане против штетните политикиза кои одговорноста исклучиво лежи кај власта:

„Најголемата одговорност за ова ја има власта. Од владата која предлага криминални закони, преку парламентарците кои гласаат за криминални закони и локалната власт со чии потпис и печат се заверува правосилноста на секој проект. Овој процес може да го запре само граѓански активизам. Граѓаните мора да научат што е нивно, што им припаѓа и тоа да го бранат. Само на тој начин криминалот може да запре, да се казни и да се врати сѐ што е украдено“, смета Мицковиќ. 

Наспроти гласноста на граѓаните и експертите, политиката е речиси нема околу овој проблем. Посебно пратениците во парламентот, кои останаа глуви на разните иницијативи за предлог закони кои можеби не целосно, ама делумно сигурно дека ќе ѝ го ограничеа просторот за маневар на урбаната мафија. Зелените се единствените кои демонстрираат активност, но во отсуство на поширока поддршка таа е без ефект:

„Клучен проблем е законската регулатива чие влошување започна уште во периодот на осамостојување. Во поранешниот систем имавме многу здрава, стриктна и строга регулатива во овој сегмент. Имаше еден хуман систем на градење, каде се почитуваше просторот и околината, се правеа паркови помеѓу зградите, а сега до каде дојдовме, во секое зеленило или паркче се прават згради. Уште во 2009 година баравме да се донесе зелен катастар, но целата процедура не помина во Парламентот. Освен јас, само уште еден пратеник гласаше за предлогот. Исто така и закон за градски архитект, нешто што порано го имавме и наместо да се надгради, овој концелт се укина. Иницијативата беше поддржана од сите еснафски здруженија, но за жал не и од политиката. Тоа ќе беше спас од овој тренд што ни се случува, политичари нема да можеа повеќе да си ги шараат урбанистичките планови како што сакаат, туку тоа да биде со учество на стручната јавност и јавни дебати. Еснафот ќе беше таа брана“, реагира Лилјана Поповска од партијата ДОМ.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Не развој, туку бизнис на моќниците

Таа уште поодамна предупредува за вмешаност на функционери од власта во целиот процес:

„Ова што веќе извесен период се прави во Македонија не е развој, туку моментален бизнис на градежните моќници потпомогнати од политиката, што на долг рок е самоубиствено. Но ние не се откажуваме и во наредниот период ќе инсистираме на пакет закони, затоа што само тоа е она што може да го запре лудилото. Големите бизниси со големи пари се закачуваат за политиката и таа е промотор на градењето, тоа е организиран криминал, политичка бизнис врска“, предупредува Поповска.

Урбанистичкиот хаос не е само типичен за Скопје, туку и за градовите во внатрешноста. Во битката за профит за сметка на урбанистичкиот ред, надлежните ги игнорираат предупредувањата на експертите и апелите на граѓаните. Се затвораат очи и пред искуствата од соседството, Бугарија, Косово, Албанија каде еден куп градежници и банки заглавија во мега градежни станбени проекти. Пазарот на недвижнини во Македонија засега не демонстрира таков тренд, иако речиси половина од новоизградените т.н. згради „монструми“ зјаат празни. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми