1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Ивановска: Никој не смее да робува на градежните планови

ДТЗ
5 март 2021

Општините не смеат да издаваат дозволи за градба доколку не се усогласени со ГУП, децидна е првата актикорупционерка Билјана Ивановска, по укинувањето на мораториумот за градење во Општина Центар.

Nord-Mazedonien Staatskommission für Korruptionbekämpfung
Членови на антикорупциската комисијаФотографија: DW/Petr Stojanovski

Укинувањето на мораториумот за градби во Општина Центар отвора простор за повторна градежна инвазија во градот. За да се спречи „бетонизацијата“ на веќе задушениот град од прекумерни градби, Државната комисија за спречување на корупција најавува низа активности идната недела за да им се стави јасно до знаење на скопските градоначалници дека јавниот интерес треба да биде на прво место, а за секое издавање дозволи за градби коишто се надвор од Генералнот урбанистички план, ќе се бара одговорност и казни. „Никој не смее да робува на планови коишто не се усогласени во ГУП. Треба сите размислиме и да утврдиме што е јавен интерес, бидејќи приватниот интерес изминативе години се чини надвладеа и на сите ни дојде преку глава“, изјави за Дојче веле првата антикорупционерка Билјана Ивановска. 

Реакции

Бројни реакции во јавноста следеа по одлуката на Уставниот суд, која отвора простор во скопската општина Центар да продолжи да се гради по старите законски решенија и спорни детални урбанистички планови. Со тоа, сите градби коишто отстапуваат од Генералниот урбанистички план и се граделе спротивно на законите за безбедност, може да продолжат да се градат. Општина Центар во 2017 година ги замрзна Деталните урбанистички планови и започна со нивно ревидирање. Од вкупно 31, за четири години успеале да усогласат само осум ДУП-ови со Генералниот план на Град Скопје. 23 од плановите остануваат спорни и неревидирани.

-повеќе на темата: Белчева: Уставниот суд и институционалната негрижа ќе го „забетонираат“ Центар

„Пред очи на сите институции кои ги знаат прекршувањата и замижуваат, и на сите граѓани кои бараа и очекуваа промени, се’ се врати на моментот од каде тргнавме во 2017. Укинувањето значи дека понатамошната бетонизација на Центар може да продолжи“, вели во интервју за ДВ советничката во општина Центар, Јана Белчева-Андреевска.

Укинувањето мораториумот значи дека понатамошната бетонизација на Центар може да продолжи, вели советничката Јана Белчева-АндреевскаФотографија: Jana Belceva Andreevska

Според неа, двајца охриѓани и Уставен суд, помогнати од институционалната негрижа и безидејност, му пресудиле на Центар и им помогнале на моќните да им се задоволат личните интереси и да ги остварат решенијата од незаконитите планови.

Спорни објекти

Фабриката Треска, паркингот на Холидеј Ин, Крњево спроти Скопски саем, Мал Ринг, Дебар Маало 2 и Парк... се само дел од жешките теми околу кои се кршеа копјата изминатите години. Една од најспорните градби којашто предизвика низа реакции во јавноста, а која што ја предвидува важечкиот ДУП, е изградбата на три шеесеткатници на паркингот спроти Холидеј Ин во строгиот центар на Скопје. За парцелата на паркингот на Холидеј Ин, каде планерот имаше понуда за 1 евро по хектар, постапка отвори и Антикрупциската комисија, која испрати забелешки до надлежните институции за неправилностите во постапката. 

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупција вели дека будно се следат состојбите со дивоградбите ширум државата, а особено во фокус на вниманието се скопските општини, легализацијата на дивоградби и новите градби кои изникнуваат како печурки. 

-повеќе на темата: 

Граѓанска борба за зеленило: Карпош ќе дише

Расчистувањето со урбанистичкиот хаос, произведува нов хаос!

Може ли некој да и застане на патот на урбаната мафија во општините?

„Ние како Антикорупциска комисија ќе мора да ги притиснеме надлежните - некој ќе мора да сноси одговорност за дозволите за градби. Општините не смеат да ги издаваат доколку не се усогласени со Генералниот убанистички план“, децидна е Ивановска, која вели дека редовно одржува средби со надлежните министри околу оваа проблематика.

За идната недела најавува средба со скопските градоначалници, на кои ќе им биде пренесена токму оваа порака - да не се издаваат нови дозволи за градба и дека приватниот интерес не смее да надвладее над јавниот интерес, на штета на сите граѓани. Таа очекува дека градоначалниците ќе ги послушаат препораките на антикупционерите и ќе запре градежната инвазија. 

„Секогаш може да има изговори дека имотот на којшто се гради е на приватни лица, кои што имаат дозволи за тоа. Но, поевтино е на приватните лица да им се исплати надомест, отколку да градат на простор којшто е од јавен интерес, и сите да го плаќаме цехот од погрешните потези“, вели Ивановска. 

-повеќе на темата: „Ве молиме почекајте“: Антикорупциската стратегија фаќа прав

Антикоруционерите укажуваат дека органите на општината и сите институции кои учествуваат во одобрувањето на плановите, треба особено да водат сметка за стандардите и нормативите со кои се обезбедува зголемување на степенот на хуманоста на живеењето, хармонизација и хуманизација на просторот со плански одредби кои ќе ја штитат и стимулираат приватната сопственост, но на начин кој нема да го повреди јавниот интерес. Законите на природата не признаваат корупција ниту трпат амандмани, а кога „некои“ се упорни во намерата да ја извитоперат животната средина, природата казнува со природни катастрофи од кои страдаат сите, велат антикорупционерите.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми