1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен го „плете“ својот тим за Европската комисија

Бернд Ригерт
31 август 2019

Новата претседателка на ЕК има тешка задача - треба да го состави својот тим, без да може слободно да одлучува. Може ли да успее овој потфат на Урсула фон дер Лајен?

Belgien Neue EU-Kommissionspräsidentin Ursula von der Leyen
Фотографија: picture-alliance/Photoshot/Zhang Cheng

Она што во моментов се обидува да го направи новата претседателка на Европската комисија, може да се спореди условно со стара филигранска работа - плетење чипки од долги бели конци. Чипките во Брисел имаат долга традиција, до денес можат да се купат во секоја продавница за сувенири.

Пренесено на сферата на политиката, Урсула фон дер Лајен сега ја „плете“ следната Европска комисија, која на должност треба да стапи на 1. ноември. Таа во рацете има многубројни конци кои треба да ги состави во функционирачка и трајна целина. 26-те држави, кои можат да испратат по еден комесар, имаат време до понеделник да ги соопштат кандидатите. Велика Британија, поради Брегзит, не испраќа веќе никого во Брисел. Германија пак е претставена преку претседателката на ЕК.

Жени на врвни позиции

Урсула фон дер Лајен ги замоли државите да ѝ предложат најмалку 13 кандидатки, таа има намера да биде прва која Европската комисија ќе ја формира според паритетен принцип - еднаква застапеност на жени и мажи. Откако Франција ја номинираше поранешната министерка за одбрана, Силви Гулар, бројот на женски кандидати изнесува 12. Доколку Италија, по крајот на владината криза, номинира жена, Фон Дер Лајен ќе може да го исполни ветувањето дадено по нејзиниот турбулентен избор во јули во Европскиот парламент.

Но, за таа цел ќе мора да ги прифати сите женски кандидати, зашто само две држави, Романија и Португалија, постапија според желбата на Фон Дер Лајен и во избор испратија по двајца кандидати - еден маж и една жена. Додека земјите членки испраќаат „суров материјал“, мајсторката Урсула ќе има слобода да ја избира плетката. Таа може слободно да ги одредува ресорите на новата Комисија и теоретски по желба да ги распределува на кандидатите со кои актуелно води разговори во Брисел.

Изборот на Урсула фон дер Лајен во ЕП беше турбулентенФотографија: Reuters/V. Kessler

Желба за учество

Земјите-членки и политичките партии во Европскиот парламент меѓутоа најавија сопствени желби и сакаат да учествуваат во „плетењето“. Речиси сите држави посакуваат „важен ресор“ за своите кандидати, односно нешто со економија, трговија или пари. Пратеничките групи во Европскиот парламент, во кој веќе нема јасни мнозинства, по сослушувањето на секој одделен кандидат за комесар на крајот на октомври треба да дадат согласност за целата екипа. Тие можат да отфрлат одредени комесари и да побараат замена, што повеќепати се случуваше кај претходните комисии.

Засега шарената плетка на Урсула фон дер Лајен се состои од деветмина конзервативци, девет социјалдемократи, петмина либерали, еден од Партијата на зелените и еден од националистичкиот табор. Ќе има еден социјалдемократски потпретседател на ЕК, Франс Тимерманс и една либерална вицепретседателка, Маргрете Вестагер. Двајцата имаа аспирации за челната функција на ЕК, која неочекувано ја доби Урсула фон дер Лајен. Заради зацелување на раните, двајцата ќе бидат раководни соработници во тимот.

Истокот бара поголемо влијание

Источноевропските држави-членки сакаат по можност да постават високорангиран претставник, зашто сметаат дека во досегашната распределба на функциите во ЕУ не се водело доволно сметка за нив. Претседател на Советот на ЕУ ќе биде Белгиец, министер за надворешни работи Шпанец, а претседателка на Европската централна банка - Французинка. Националистичката влада на Партијата на правото и правдата од Полска е задоволна од потезите на Фон Дер Лајен. Полска ќе го добие важниот ресор за аграр, од кој земјата добива високи субвенции. За таа цел таа дури набрзина во понеделникот изврши замена на својот кандидат. Урсула фон дер Лајен очигледно се труди повеќе за добри односи со Полска од нејзиниот претходник, Жан- Клод Јункер. Таа сака, ако е можно, да го реши спорот околу нефункционирањето на правната држава во Полска, за што се води веќе и постапка. Но, таа нема намера да врши никакви содржински отстапки, вети таа пред своите критичари во Европскиот парламент.

Грешка во „плетката“? 

Урсула фон дер Лајен ќе го „плете“ својот тим до крајот на септември, а него во Брисел, поради тешкиот изговор на нејзиното презиме на странски јазици, кратко го нарекуваат „Тимот на Урсула“. На сослушувањата во ЕП тешка задача ќе имаат националистичките кандидати од Полска и Унгарија. И некои политичари од „лесна категорија“ може да имаат проблеми. Хрватската кандидатка Дубравка Шуица е учителка, беше градоначалничка, а потоа европратеник. Таа нема никакво искуство во владата на национално ниво. Исто така тенко искуство има и кипарската кандидатка Стела Куриадкидес, која е психолог и европратеник, а никогаш не работела во влада. Една од романските кандидатки, Рована Плумб, во нејзината земја мораше да даде оставка на министерската функција поради корупциска афера, што не е некоја добра препорака за Брисел.

Повеќе: 

Фон дер Лајен- добар избор во турбулентни времиња

Урсула фон дер Лајен ја има минато „школата на Меркел“

Која е Урсула фон дер Лајен?

Кај мажите се истакнува првенствено 28-годишниот Литванец, Виргинијус Синкевичиус, кој доаѓа од зелената Селанска партија и е министер за економија во балтичката земја. Пратениците од таборот на Зелените меѓутоа гледаат со скепса на својот млад партиски пријател, зашто му се припишува голема блискост со популистичкиот американски претседател Доналд Трамп. Синкевичиус треба да се спреми на жестоко распрашување во надлежната парламентарна комисија на ЕП.

Урсула фон дер Лајен ќе треба уште да се потруди за да може да ги реализира своите самопоставени тежишта, како трговијата, заштита на климата и дигитална иднина. Грешка во плетката во вистинското плетење тешко се исправа отпосле. Дали тоа важи и за политиката?

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми