1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урсула фон дер Лајен има проблем со „името“

БГ/ ДВ
11 септември 2019

Шефицата на новата Европска комисија е обвинета дека новото име на еден ресор носи со себе ксенофобна порака. „Заштита на европскиот начин на живот“ е неприфатливо за многумина

EU Symbolbild Fahne
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Roessler

Иако новиот состав на Европската комисија се уште не е потврден од Европскиот парламент, идната претседателка на ЕК Урсула фон дер Лајен веќе е цел на жестока критика. Но, не поради персоналниот состав туку поради (пре)именувањето на еден од ресорите во европската влада.
Фон дер Лајен преименува повеќе комесаријати во новата Комисија со цел тие да звучат помалку формално и да бидат повеќе целно ориентирани. Но одлуката досегашниот ресор за „миграции, внатрешни работи и државјанство“ да се преименува во канцеларија за „заштита на Европскиот начин на живот“, наидува на жестоки критики и во самиот Брисел.
На социјалните медиуми, новото име на многумина им прозвучи „фашистички“.
„Да се креира портфолио ’Заштита на европскиот начин на живот’ како одговор на ’легитимните стравови и загриженост за влијанието на илегалната имиграција’ е целосно погрешно и за осуда“, вели холандската прогресивна европратеничка Софи ин ’т Велд. 


И Ска Келер од групата на Зелените е загрижена дека новото име имплицира „контрадикторност меѓу поддршка за бегалците и европските вредности“.
Првиот човек на европската канцеларија на Амнести Интернешнл, Ив Геди оцени: „Поврзувањето на миграцијата со безбедноста во портфолиото на Комесарот за заштита на европскиот начин на живот, ризикува да се испрати загрижувачка порака“.
На чело на овој ресор ќе биде поранешниот грчки европратеник и службеник во ЕК, Маргаритис Шинас. Тој ветува дека неговиот ресор „подобро ќе ги заштитува граѓаните и границите, ќе го модернизира системот на азил, ќе инвестира во европските способности и ќе креаира посветла иднина за младите“.
Канцеларија на Фон дер Лајен одговори на критиките упатувајќи на фактот дека името на ресорот било наведено уште во нејзините стратегиски документи во јуни годинава, и досега никој не реагирал на него.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми