1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Урсула фон дер Лајен: Европа ве чека

ДТЗ
14 јули 2022

Таа пред пратениците испрати порака дека билатералните прашања како што е толкувањето на историјата не се услов во пристапните преговори и во ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификации од ЕУ.

Nordmazedonien: Rede der Präsidentin der Europäischen Kommission Ursula von der Leyen
Фотографија: Petr Stojanovski

„Европа не е целосна без Северна Македонија. Направете ја вистинската работа за мирот и просперитетот на земјата. Почитувани Македонци, Европа ве чека и се надева дека ќе направите уште еден чекор кон Унијата. Ве охрабрувам да ја искористите оваа можност и ја го усвоите ревидираниот француски предлог“, порача од собраниската говорница во Скопје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, следена од аплаузи на владејачкото мнозинство, но и транспаренти и извици на негодување од опозициските. 

Таа пред пратениците испрати неколку важни пораки, околу дилемите за коишто се кршеа копјата во земјата - билатералните прашања како што е толкувањето на историјата не се услов во пристапните преговори и во ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификации од ЕУ. 

„Почитувани Македонци, внимателно слушам. Ја слушав загриженоста во однос на македонскиот јазик и идентитетот. Нема сомнеж дека македонскиот јазик е ваш јазик, ние целосно го почитуваме тоа. Затоа по ревидираниот предлог стои македонски јазик, без квалификации од ЕУ. Предлогот го почитува и вашиот национален идентитет.Принципот на самоидентификација е важен за секој од нас. Можете да сметате на мене дека процесот на пристапување строго ќе ги почитува европските принципи и стандарди“, рече фон Дер Лајен. Нејзиниот говор беше пречекан со аплауз од страна на пратениците во собраниската сала, кои што денеска треба да расправаат за францускиот предлог којшто е услов за тргање на бугарското вето и отворање на вратите кон ЕУ.  

Опозициските пратеници истакнаа транспаренти против францускиот предлог за време на говорот на Фон дер Лајен.Фотографија: Petr Stojanovski

Долг пат 

Осврнувајќи се на тешкиот и долг пат на земјата, која 17 години чека пред вратите на ЕУ, претседателката на Европската комисија во својот говор потенцираше дека со влезот во НАТО земјата покажа дека е партнер од доверба кој осигурува безбедност.„Јас знам дека истото ќе се случи кога вие ќе станете членка на ЕУ“, рече таа, истакнувајќи дека за пофалба се напорите на земјата за зајакнување на владеењето на правото и борба против корупцијата.

„Имате слободни медиуми, енергично граѓанско општество, успешен модел за меѓуетничко општество. Го избравте патот на мирот, место на конфликт, а тоа беше патот на мирот што го покажа покојниот претседател Борис Трајковски“, потенцираше претседателката на ЕК. 

Протести пред парламентотФотографија: Petr Stojanovski

Таа вели дека ја разбира фрустрираноста кај многумина поради одолговлекувањето на процесот, особено што тој не започнал по Договорот со Преспа. „Но, никогаш не се откажавте и ние никогаш не се откажавме. Заедно го следевме сонот за заедничка Унија. Мора да го свртиме погледот напред, да ја искористиме можноста и да тргнеме на патот кон ЕУ. Тоа можеме да го направиме уште идната недела“, рече фон дер Лајен. 

Таа изутринава пристигна во Северна Македонија, по што на Твитер упати порака до граѓаните во кое вели дека државата е вистински доверлив партнер, а на државата е да го направи одлучувачкиот чекор.

„Мило ми е што сум денеска во Скопје. Северна Македонија е вистински и доверлив партнер. Луѓето од МК ја покажаа својата посветеност на европските вредности. Тие заслужуват да ја гледаат својата земја како напредува на патот кон членство. Сега е на МК да го направи одлучувачкиот чекор напред“, напиша фон дер Лајен на Твитер.

Таа имаше средба со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, со претседателот Стево Пендаровски и со премиерот Димитар Ковачевски. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми