Условот за повлекување на Берлускони е речиси исполнет
11 ноември 2011Сенатот во Рим денеска со големо мнозинство се изјасни за пакетот мерки за штедење. Државниот долг треба да се редуцира, а економскиот пораст да се поттикне. Сенаторите од опозицијата во знак на протест не учествуваа во гласањето, но нагласија дека не сакаат да спречат донесување на реформските мерки. Пакетот мерки, кој меѓу другото предвидува и продажба на државен имот, намалување на бирократијата и намалување на пречките за конкурентност, како и создавање работни места, утре би требало да биде изгласан и од страна на Долниот дом на парламентот.
Мерките би требало да се израз на волјата на земјата за реформи, со што би требало да се врати довербата на светот во владата во Рим. Премиерот Силвио Берлускони беше ставен под огромен притисок на европските партнери за брзо спроведување реформи, со цел да се спречи натамошно губење на довербата на финансиските пазари во високозадолжената земја. Берлускони најави дека по донесувањето на пакетот мерки ќе се повлече од функцијата и со тоа ќе го ослободи патот за влада на национално единство. Како фаворит за наследник на Берлускони важи поранешниот еврокомесар Марио Монти. Според медиумите, италијанскиот претседател Џорџо Наполитано посакува голема коалициона влада, во која ќе учествуваат и партиите лево од центарот, како и оние десно од центарот.
Автор: ЕМФ/афп
Редактор: Г. Чутаноски