1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Уставниот суд го затвори прашањето за аболициите на Иванов

ДТЗ /ДВ
19 ноември 2020

Пропадна обидот за оживување на поништената аболиција на 56 функционери, кои се најдоа под истрага на СЈО. Веќе не постои пречка да им се суди на обвинетите, а под знак прашање се доведени и нивните тужби во Стразбур.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Уставниот суд го затвори прашањето за поништените аболиции на поранешниот претседател Ѓорге Иванов и го отвори патот за процесуирање на судските постапки кои против повеќемина функционери ги започна Специјалното јавно обвинителство. Со 5 гласа „за“ и 3 „против“, судиите одлучија дека повлекувањето на аболицијата е законско и уставно, што подразбира дека не постои пречка да им се суди на 56 функционери обвинети во предметите на СЈО. Одлуката е донесена една година по отворањето на предметот.

Иницијативата за толкување на членот 11-а, според кој Иванов ја повлече аболицијата, беше доставена во ноември минатата година. Според уставните судии, членот 11а од законот за помилувањ, донесен во 2016 година, бил со рок од триесет денови. Поради ова, сега судот смета дека нема потреба да ја преиспитува уставноста на член кој веќе нема правна сила.

Спорна аболиција

Се’ започна во 2016 година кога тогашниот претседател Ѓорге Иванов аболицираше 56 лица за кои се водеше истрага. Таквата одлука тој бранеше со образложение дека сакал да го заштити државниот интерес и да придонесе во решавање на политичката криза. Со општата аболиција беа опфатени голем број функционери и политичари.

На списокот за аболиција се најдоа имињата на тогашните први луѓе во ВМРО – ДПМНЕ - Никола Груевски, Сашо Мијалков, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска. Членот 11-а беше вметнат во Законот за помилување затоа што Иванов немаше друга основа за повлекување на помилувањата. Откако пратениците ја аминуваа таквата законска можност, тој по неполни два месеца ја поништи одлуката за аболиција. По силниот притисок во јавноста, дел од помилуваните јавно побараа да се повлечат помилувањата.

Што предвидува членот 11а

Иницијативата за оценување на членот 11-а која беше покрената минатата година беше со цел се стави точка на дилемата дали Иванов можел да ги повлече помилувањата за 56 лица во 2016 година. Овој член од Законот предвидува претседателот да го поништи помилувањето дадено без претходна постапка за помилување во рок од 30 дена од денот на донесувањето на овој закон, при што не е должен да ја образложи одлуката.

Според дел од судиите, на граѓаните не може да им се скрати правото да побараат повлекување на аболиција, доколку сметаат дека невиноста можат да ја докажат во суд. Оваа одлука на Уставниот суд значи дека веќе не постои правна пречка на обвинетите од поранешното СЈО да им се суди, бидејќи најголем дел од нив се повикуваа токму на фактот што дадена аболиција не може да се повлече и не може да се поништи.

Со ставот на судиите не се согласува адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на повеќе обвинети во случаите на СЈО кои беа дел од спорната аболиција.

„Не би се согласил дека поништувањето е законско и уставно, затоа што она што го донел Уставниот суд е дека одредбата дека претседателот може да поништи некоја аболиција е во правна сила и таа може да важи, но таа може да важи од моментот кога е донесена таа измена или е внесен членот 11а“, вели во изјава за медиумите адвокатот Еленко Миланов.

Висат и тужбите во Стразбур?

Десетина поранешни функционери кои беа опфатени со аболицијата ја тужат државата пред судот за човекови права во Стразбур. Тие се повикуваат на одлука во Стразбур за сличен случај кога било одлучено дека доделена аболиција не може да биде поништена. Адвокатот Влатко Илиевски за Сител вели дека не поведувањето на иницијативата за утврдување на уставност на членот 11а не го легализирал чинот на поништувањето на одлуките за помилување. Според него, не се исправаат ниту повредите кои се сторени со понишувањето на одлуките.

„Поништувањето на одлуките за помилување е во спротивност на принципот на владеење на правото затоа што се темели на повратно дејство на законот и ја повредува правната сигурност, бидејќи жалителите се стекнале со правото кое им го овозможува помилувањето, а тоа е да не бидат кривично гонети. Стекнатите права од одлуките за помилување не можат да се изменат на штета на лицата на кои се однесуваат. Жалителите не побарале да се отповика помилувањето и тоа никогаш не било основ за поништување на одлуките“, вели Илиевски.

Груевски, Мијалков, Јанкулоска и Јанакиески се меѓу екс функционерите кои ја тужат државата во Стразбур. Сите се обвинети во предметите на СЈО и се повикуваат на аболицијата која во април 2016 ја даде бившиот претседател Ѓорге Иванов. Постапката против државата пред Судот за човекови права во Стразбур е во првата фаза – владиниот агент го подготвува одговорот до судот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми