1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Отфрлено барањето за стопирање на задолжителната вакцинација

ЕМФ | АРД
11 февруари 2022

Уставниот суд во Германија го отфрли итното барање за стопирање на планираната задолжителна вакцинација на вработените во здравството и негувателите. Но, конечна одлука околу законот сѐ уште не е донесена.

Grundgesetz und Spritzen
За уставноста на законот за задолжителна вакцинација ќе се одлучува допрва - сега е донесена одлука само во врска со итното барање за стопирање на законотФотографија: Sascha Steinach/ZB/picture alliance

Обврската за вакцинација на вработените во здравството и негувателите ќе почне да се спроведува според планираното - од 15 март. Уставниот суд во Карлсруе го отфрли итното барање за стопирање на задолжителната вакцинација за вработените во овие бранши. Меѓутоа, тоа не значи дека задолжителната вакцинација за одредени професии е во основа неуставна. Тоа ќе треба да се провери дополнително. Денешниот заклучок на германскиот Уставен суд се однесува на времето до донесување конечна одлука.

Со оглед на „многу малата веројатност од големи последици од вакцината“ и многу високиот ризик по здравјето на ранливите лица во случај да се заразат, Уставниот суд се одлучи против стопирање на обврската за вакцинација. Доколку итното барање за стопирање на законот не биде отфрлено, се заканува опасност од пониска стапка на вакцинација во дадените установи, а со тоа се зголемува опасноста од инфекција на вработените во тие установи, кои потоа би го пренесле вирусот врз ранливите групи, смета судот.

Вработените во здравството и секторот за нега до 15 март 2022 година мора да докажат дека се целосно вакцинирани или дека неодамна ја прележале болеста, или да прикажат здравствен документ дека не може да се вакцинираатФотографија: Eibner-Pressefoto/EXPA/Feichter/imago images

Задолжителната вакцинација за вработените „не е неизбежна“

Задолжителната вакцинација за медицинскиот персонал е понекогаш поврзана и со привремени проблеми, а во одделни случаи може да дојде и до тешки нуспојави, кои во екстремни случаи може да завршат со смрт, но обврската за вработените не е неизбежна, сметаат уставните судии. За нив економските причини не се доволни за да се образложи потребата од стопирање на законот. Имено, судиите наведуваат дека подносителите на барањето за стопирање на законот не приложиле докази дека со привремено менување на професионалните задачи би настанале непоправливи штети за погодените лица. Сепак, судиите критички забележуваат дека во законот нема прецизни одредби за доказите за вакцинација или за прележана болест, туку само се упатува на уредба со натамошни линкови кон интернет страниците на институтите „Паул Ерлих“ и „Роберт Кох“.

- повеќе: Зелено светло за задолжителна вакцинација во Австрија

Вработените во здравството и секторот за нега до 15 март 2022 година мора да докажат дека се целосно вакцинирани или дека неодамна ја прележале болеста, или да прикажат здравствен документ дека не може да се вакцинираат. Доколку не поднесат ваков доказ, за тоа треба да биде информирана надлежната служба, по што може да биде изречена забрана за извршување на работата.

Одлуката на Уставниот суд доаѓа во политички жежок период, зашто сојузната влада и покраинската влада на Баварија се во спор поради ваквите одредби. Баварија пред неколку дена соопшти дека нема да го спроведува во целост сојузниот закон за задолжителна вакцинација за одредени професии. Сојузната влада ја опомена баварската влада дека мора да се држи до законот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми