1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставни измени- пратениците останаа во партиските ровови

БГ /АФП
15 октомври 2018

Во Собранието финишираше првиот ден од дебатата за уставните измени, без видлив напредок во приближувањето на ставовите на пратениците од мнозинството и опозицијата.

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Дебатата про и контра Преспанскиот договор траеше цел ден, но не донесе никакво видливо поместување во позициите на двете спротивставени страни во Собранието- оние на власта и на опозицијата.
Пратениците од владејачкото мнозинство засилени со премиерот Зоран Заев инсистираа дека се работи за историски договор кој мора да се реализира за да и се отворат вратите на земјата за членство во НАТО и ЕУ.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ реплицираа дека е спротивен на државните интереси и дека го проблематизира идентитетот на Македонците. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека Договорот од Преспа е правно и политички мртов, а главен аргумент во таа насока останува неуспешниот референдум од 30 септември.

Денот започна со политичка „бомба“ од премиерот Заев кој понуди „простување и помирување“ за крвавиот упад во Собранието од 27 април. Понудата во јавноста беше протолкувана како најава за амнестија, но тоа брзо беше демантирано од владата.

Премиерот Заев предизвика бура во јавноста со понудата за простување и помирување за 27 априлФотографија: picture-alliance/abaca/N. Batev

Во секој случај, и натаму е јасно дека Заев ќе има тешка задача да обезбеди дво-третинско мнозинство за договорот кој, тој и денеска отворено го бранеше во парламентот. 

Тешко до двотретинско мнозинство

Според проценките, на власта ќе и требаат 10 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои би го поддржале договорот, за да се обезбеди потребното мнозинство. Дебатата во овој дел може да трае и до десет дена и проценките се дека тоа време ќе се искористи за убедување на евентуални нови поддржувачите на Преспанскиот договор. Во спротивно, власта најави предвремени парламентарни избори. 

Препукувањата меѓу власта и опозицијата продолжија и надвор од Собранието. Од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека повикот на Заев го разбрале како понуда за амнестија, и истата ја отфрлија со став дека тие бараат правда, а не амнестија.

Експремиерот Никола Груевски денеска за првпат се појави во Собранието од инцидентот во март годинава кога за малку физички ќе се пресметаше со собранискиот спикер Талат ЏафериФотографија: Reuters/M. Zlatevska

Од СДСМ возвратија дека не се нуди амнестија, туку национално помирување, и побараа од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски лично да се изјасни за неа.

Повикот за национално помирување на Заев го прифати координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Драган Данев, но рече дека нема да гласа за уставните промени.

На другата страна, внимание предизвика обраќањето на Ферид Мухиќ од владејачкото мнозинство кој најави поддршка за договорот, иако претходно се противеше на истиот.

Дебатата продолжува утре во 9 часот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми