Утоја - две години од масакрот
22 јули 2013На 22 јули 2011. околу 14 часот на илјадници електронски адреси стигна обемен манифест на извесен Андерс Беринг Брејвик, човек кој по неколку часа ќе стане познат во целиот свет. Со налудничави аргументи, се објаснува омразата кон странците, особено кон муслиманите. Истиот ден во 15:30 часот импровизирана бомба усмрти седум лица во центарот на Осло, недалеку од кабинетот на норвешкиот премиер Јенс Столтенберг.
За жаl, тоа беше само вовед во крвавиот пир кој Брејвик го предизвика на островот Утоја, во близина на Осло. Таму во тој момент, над 600 припадници на подмладокот на владејачката Работничка партија присуствуваа на традиционалниот собир, кога русокос човек во полициска униформа ги повика да се соберат околу него, тврдејќи дека е испратен како засилување по бомбашките напади во градот. Тој човек беше токму Брејвик, кој потоа од две автоматски пушти во следните 90 минути пукаше кон децата. До доаѓањето на полицијата усмрти 69 лица, претежно деца.
Повеќе од 63 години Утоја беше повеќе од обичен остров - тоа беше срцето на норвешката социјалдемократија. Уште во 1950. година островот и беше подарен на младината на Работничката партија, која таму одржуваше летни кампови.
Одговор на теророт
Во текот на денешното одбележување на двегодишнината од масакрот, Утоја беше повторно отворена за семејствата на жртвите и преживеаните. Според една студија, над 40 отсто од преживеаните страдаат од анксиозност и депресија. Владата обезбеди околу 23 милиони евра за општините да ги финансираат медицинските третмани за нив.
Но младите сакаат да гледааат во иднината - планот е Утоја повторно да се изгради. Ќе бидат урнати кафетеријата и училниците во кои убиваше лудиот екстремист, а ќе бидат изградени нови објекти, како и споменик на жртвите. Младите социјалдемократи веруваат дека изградбата е најдобар одговор на теророт.
Всушност Брејвик со својот грозоморен чин не успеа да ја преплаши норвешката младина која ја означи како симбол на мултикултурното општество од кое се згрозува. Денес младината на Работничката партија има 13 илјади членови, дури 3.400 повеќе отколку пред две години.
Но, и покрај тоа, на социјалдемократската партија и се заканува пораз на изборите закажани оваа есен. Според анкетите, Работничката партија би можела да загуби од десните популисти, собрани во Напредната партија. За преживеаните и за семејствата на жртвите тоа ќе биде особено горчливо чувство - затоа што токму Брејвик повеќе од 10 години беше член на подмладокот на Напредната партија.