Утре почнува кампањата за претседателските избори во Македонија
23 март 2014Претседателските кандидати на овие петти избори за шеф на државата се актуелниот претседател Ѓорге Иванов, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски од СДСМ, Зоран Поповски од ГРОМ и Илијаз Халими од ДПА.
ВМРО-ДПМНЕ претседателската кампања ќе ја започне во Охрид, од каде редовно ги започнува своите изборни активности. За време на кампањата за претседателските избори и скратената за пет дена за предвремените парламентарни избори, партијата ќе одржи повеќе митинзи, како и мали митинзи и средби со граѓаните од целата држава. Иванов денеска во Скопје ќе ја претстави својата програма за претстојните избори.
На Конвенција во Универзалната сала во Скопје СДСМ утре ќе го промовира претседателскиот кандидат Пендаровски. Од опозициската партија велат дека овојпат кампањата ќе биде поинаква од претходните и дека повеќе ќе се фокусираат на средби со граѓани, но оти ќе има и митинзи. Застапени се и на интернет, а ги користат и социјалните мрежи.
ГРОМ и кандидатот за претседател Зоран Поповски кампањата ќе ја почнат во Лептокарија, во Општина Карпош во Скопје, каде во 19 часот ќе одржат голем централен митинг. Партијата, како што велат, ќе води исклучиво позитивна кампања, без навреди и говор на омраза. Застапени ќе бидат сите форми на комуникација со граѓаните.
Од ДПА исто така најавуваат друг тип на кампања, со повеќе средби со граѓани и без масовни митинзи. Како што велат, повеќе ќе се оди на принципот од врата до врата. Нивен кандидат е Илјаз Халими, кој утре во 18 часот заедно со своите сопартијци ќе ја претстави својата платформа на митинг во скопски Чаир.
Според роковникот кој беше усвоен од страна на Државната изборна комисија предвидено е кампањата за претседателските избори да започне на 24 март, односно утре. Првиот круг на петтите претседателски избори ќе се одржи на 13 април, додека вториот круг од изборите е на 27 април, за кога се закажани и предвремените парламентарни избори.
Според Изборниот законик за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно-медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми.