1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште еден самит: Грчката криза ќе ја решаваат шефовите

Бернд Ригерт/Ж.А.19 јуни 2015

Остануваат уште единаесет дена до евентуалниот грчки банкрот: во Луксембург министрите за финансии од ЕУ дебатираа без успех. Дали може да помогне нов самит?

Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Во салата каде се советуваа министрите за финансии на ЕУ околу грката должничка криза владееше мачна атмосфера кога зборот го зеде грчкиот министер за финансии Јанис Варуфакис.Тој половина час елоквентно ги изнесуваше небулозните реформски предлози, кои кредиторите веќе претходно ги оценија за недоволни. На шефот на Еврогрупата Јерон Дијселблом, во еден момент му дојде преку глава, па му го зеде зборот на Варуфакис. Грчкиот министер на прес-конференцијата по состанокот побара отпис на долговите на својата земја. „Не можам да шпекулирам што ќе се случи ако Европа не успее да донесе одлука“, рече тој.

Спречете катастрофа

По состанокот, надлежниот еврокомесар за монетарна политика Пјер Московиси јавно се обрати до грчката влада, барајќи разумни предлози и тоа што поскоро, заради избегнување катастрофа.

Ни германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле, ниту грчкиот - Јанис Варуфакис уште претходно не гледаа реална шанса за решавање на грчкиот должнички проблем на средбата на Еврогрупата во Луксембург. Пред своето стигнување во Луксембург, Варуфакис беше песимист. „Сега е моментот решение да најдат политичките лидери“, изјави Варуфакис уште во средата вечерта во Париз. Ангела Меркел, една од оние на која ова се однесуваше, во владината изјава во Бундестагот во Берлин на Грците им порача дека се тие на потег. „Ако постои желба, ќе се најде и пат“, рече Меркел.

Германскиот министер за финансии Волфганг ШојблеФотографија: Reuters/H. Hanschke

Следна станица: ЕУ самит

Значи, грчката страна инсистира на повторни преговори меѓу челниците на ЕУ со грчкиот премиер Алексис Ципрас идната недела, на веќе свиканиот ЕУ- самит во Брисел, барајќи „политичко решение“. Но, фрустрираните ЕУ-дипломати во Луксембург укажуваа на бројните вакви вонредни самити во изминатите четири месеци, без никаков пробив. „Освен тоа, формалните одлуки за програмата за финансиска помош и исплатата на преостанатата транша од 7,2 милијарди евра и без тоа треба да ја донесат министрите за финансии“, вели еден ЕУ-дипломат. Времето за завршување на формалностите и постигнување согласност во различните национални парламенти, е премногу кратко. Програмата за финансиска помош на Грција автоматски истекува на 30 јуни.

Дали ќе се постигне крупно решение?

Претставниците на кредиторите-Европската централна банка, ММФ и Европската комисија, претпоставуваат дека грчката влада сака по секоја цена со главата низ ѕид, вложувајќи се‘ на една карта. „Се чини, Грците се убедени-Еврогрупата нема да дозволи да банкротираат, за да не се загрози еврото. Убедени се, на крајот, би можеле да издејстввуваат помош без досегашните услови“, смета еден ЕУ-функционер. Сепак, нејасно е дали идниот понеделник воопшто ќе дојде до нови предлози за компромис. Двете страни спорат околу натамошните мерки за штедење во грчкиот буџет. Грција бара отпис на долговите, што кредиторите го отфрлуваа досега. Европските министри за финансии не го делат ставот на својот грчки колега Варуфакис, според кого не можат да се затворат „дупките“ во државниот буџет. Варуфакис тврди оти спорот има политички карактер.

„Чекаме на Грција“

Министрите, еврокомесарите, шефицата на ММФ и претседателот на ЕЦБ еден час во Луксембург апелираа на совеста на Варуфакис. Кредиторите сметаат дека веќе направиле доволно отстапки, како што истакна и Кристин Лагард. Но, ММФ ќе инсистира на навременото плаќање на ратите кои доспеваат, Грција на 30 јуни мора да плати 1,6 милијарди евра. Лагард употреби остар речник, истакнувајќи оти очекува од сите да се однесуваат како возрасни. Значи, топката е кај Грците, тие се на потег. Притоа, шефот на Еврогрупата, Дијселблом во Луксембург птенцираше: „Нашата најдлабока желба е Грција да остане во еврозоната. Но, ако тоа не е можно, ние сме подготвени на сите можности“. Што значи,не е исклучен ни „грексит“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми