Уште еден тест за косовската демократија
17 ноември 2013Полицијата во Косово во моментов е концентрирана на само една задача. Заедно со група меѓународни полицајци и со поддршка на КФОР, треба да се спречи повторување на насилствата кои го одбележаа првиот круг од гласањето на локалните избори во Митровица. Поради нерегуларностите и кршењето на гласачките кутии од страна на се’ уште не познати сторители, Државната изборна комисија одлучи 23 илјади граѓани на северниот, претежно српски дел, на Косово повторно да излезат на гласање.
Бернд Борхарт, шеф на ЕУЛЕКС на Косово, за ДВ вели дека заедно со локалните власти е подготвена стратегија која треба да обезбеди мирно гласање. „Се сретнавме повеќепати за да извлечеме поуки од претходните случувања“, вели Борхарт.
Првиот круг од Локалните избори одржан на 3. ноември, од страна на известувачот на Европскиот парламент за Косово Улрике Луначек беше оценет како „во голема мера“ демократски и добро спроведен. „Во споредба со изборите во 2010, во најголемиот дел од земјата нештата многу подобро се одвиваа“, забележува Луначек. Оваа оценка сепак не важи за градот Митровица.
Кој ги саботираше изборите?
Досега не се откриени насилниците кои ги прекинаа изборите во Митровица. Шефот на ЕУЛЕКС Бернд Борхарт вели дека по нив се трага заеднички со Белград, но не сака да говори за текот на истрагата.
Луначек претпоставува дека зад нападот стојат криминални српски структури кои во изминатите години, користејќи го правниот вакуум, им го отежнуваа животот на луѓето.
Косовскиот министер за надворешни работи Енвер Хоџај за инцидентите директно ја обвини српската влада, слично како и најголемата опозициска партија во Србија - ДС. Владата во Белград ги отфрли ваквите обвинувања.
Српскиот премиер Ивица Дачиќ ги повика Србите во Митровица да излезат на гласање, предупредувајќи ги дека во спротивно за градоначалник може да биде избран Албанец.
„Тоа може да доведе до конфликти, можеби и до вооружени судири“, изјави Дачиќ за српскиот печат. Од друга страна, неколку српски опозициски партии ги повикаа локалните Срби на бојкот на изборите. Според нив, учеството на Србите на избори организирани од косовските институции е всушност признавање на независноста на Косово.