1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уште една трнлива година за Западниот Балкан и проширувањето

Марина Максимовиќ
31 декември 2020

Годината што е зад нас започна со замав заради модернизација и забрзување на пристапниот процес, а заврши со нова блокада. Меѓу „цвеќето“ и „трњето“, има ли за Западниот Балкан рамен пат кон ЕУ?

Kroatien Zagreb | Video-Gipfel EU & Westbalkan-Länder | Andrej Plenkovic, Premierminister
Фотографија: Getty Images/AFP/D. Sencar

Претставниците од ЕУ често знаат да се повикуваат на зборовите на Винстон Черчил - „Балканот произведува повеќе историја отколку што може да поднесе“, со сопствена забелешка дека со Западен Балкан „секогаш има раце полни со работа“. Западен Балкан никогаш не се преправал дека тоа не е вистина, но и со својот „тежок багаж“ оди по патот кон ЕУ. Западен Балкан не очекуваше оти тој пат ќе биде послан со рози, но дали очекуваше дека ќе биде толку трнлив?

Меѓу „цвеќето“ и „трњето“ ќе стигне ли Западен Балкан некогаш до колку-толку рамен пат кон ЕУ?

„Желба на Црна Гора е да стане 28 членка на ЕУ, а тоа оптимално би можело да се постигне во 2025 година“, порача црногорскиот премиер Здравко Кривокапиќ на крајот на 2020 година за време на својата прва посета на Брисел.

Кривокапиќ, како премиер на земјата лидер во евроинтеграциите, има и сметка по која Подгорица до 2023 година би ги затворила сите преговарачки поглавја и би тргнала во процес на ратификација на пристапен договор со ЕУ.

Меѓутоа, многу сметки во процесот на пристапување во ЕУ досега се закомпликуваа, а политиката на проширување стана не само покомпликувана, туку и понепредвидлива од кога било. Вонредните околности кои нѐ следеа на сите полиња во 2020 година не ја заобиколија ниту политиката на проширување.

Кога на крајот на 2019 година на должност стапи новата Европска комисија на чело со Урсула фон дер Лајен, една од пораките беше дека Западен Балкан и политиката на проширување ќе и' бидат приоритет. „На крајот на петгодишниот мандат би требало да имаме барем една земја подготвена да влезе во ЕУ“, порача тогаш комесарот за проширување Оливер Вархеји.

Еврокомесарот за проширување, Оливер ВархејиФотографија: EU/Gent Shkullaku

Во тој момент Вархеји не можеше да претпостави дека првата година од неговиот мандат ќе заврши како прва година во која земјите членки не успеаја да усвојат заклучоци за проширување на Западен Балкан и тоа, повторно, поради билатерални несогласувања, овојпат помеѓу С. Македонија и Бугарија.

Повеќе:

-Блокадата на Чешка и Словачка е удар и за германското ЕУ-претседателство

-Меркел вели дека разговарала со Борисов и очекува решение „во блиска иднина“

-Балкан: Регион изгубен во лавиринтот на ЕУ

Кога земјите членки на ЕУ на почетокот на мај 2020 година на т.н. „Загрепски самит“ ја потврдија европската перспектива за земјите од Западен Балкан, но и одлуката на Советот на ЕУ за отворање на пристапни преговори со С. Македонија и со Албанија, кој можеше да претпостави дека годината ќе се заврши со блокада не само во преговарачки рамки со Скопје и со Тирана, туку и со недостаток на консензус на земјите членки кога е во прашање вкупната политика на проширување и тоа сѐ, повторно, поради „старата болка“, билатералните односи? 

Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Проширувањето не е кревет послан со рози...

Не е тајна дека за време на 2020 година цела Европа „гледаше“ во Берлин и во германското преседавање со Советот на ЕУ во очекување дека традиционалната германска практичност и ефикасност ќе успеат да ги решат сите проблеми, почнувајќи од никогаш поголемиот и позначаен ЕУ-буџет, на кој се заснова опоравувањето од пандемијата покосената Европа, па до балканските перипетии и несогласувања.Пакетот за опоравување на ЕУ од речиси две илјади милијарди евра е договорен, но не и балканските односи.

По тој повод, германскиот државен секретар за Европа, Михаел Рот, изнесе фрустрација и „длабоко разочарување“, предупредувајќи дека се прави „сериозна политичка грешка“ која би можела да ги загрози безбедноста и стабилноста не само на Западен Балкан, туку и на цела Европа. „Тоа е горчлив удар за нашата политика кон Западен Балкан чија цел е развој на стабилност и демократија на Западен Балкан“, оцени Рот.

Михаел Рот, државен министер за Европа во германското МНРФотографија: Markus Schreiber/AFP/Getty Images

И додека Германија  своите не толку често „недовршени работи“ ѝ ги предава на Португалија, која ќе го преземе претседателството со Советот на ЕУ од 1 јануари, во Брисел нагласуваат дека проширувањето кон Западен Балкан продолжува, и покрај пречките, кои, како што велат, секогаш ќе ги има.

„Секогаш ќе има пречки на патот на проширувањето. „Зачленувањето во ЕУ не е 'кревет со распослани рози', но тоа не го побива фактот дека за претседателката Урсула фон дер Лајен и за целата Европска Комисија, приоритет е проширувањето кон Западен Балкан“, изјави главниот портпарол на Европската комисија, Ерик Мамер.

Во Еврокомисијата истакнуваат дека оваа година со Западен Балкан се работело „на неколку фронта“, почнувајќи од помошта во борбата против пандемијата, преку Економскио-инвестицискиот план за долгорочно закрепнување на регионот, до усвојување на нова методологија прифатена од сите членки на ЕУ,што требаше да ги деблокира и забрза пристапните преговори со земјите од регионот.

Фотографија: Regierung R. Nordmazedonien

… туку е трнлив пат

Како што стојат работите на крајот на 2020 година, планираното деблокирање и забрзување не се случи.

Со сите отворени поглавја, Црна Гора сè уште не го постигнува „посакуваното ниво на напредок“ кога станува збор за реформите во најважните области на владеењето на правото.

Србија, за првпат од почетокот на пристапните преговори, не отвори ниту едно поглавје во годината што е зад нас. Владеењето на правото е „камен околу вратот“ за Белград, како и за Подгорица на патот кон европската интеграција, но и кон демократизацијата на општеството.

Земјите од Западен Балкан, кандидатки за членство во ЕУ

БиХ сè уште има 14 приоритетни задачи поставени од Европската комисија за воопшто да дојде во позиција да размислува за пристапните преговори. Покрај оптимизмот на лидерите на БиХ, во земјата во последната година е малку направено што би ја препорачало БиХ како кандидат за членство во ЕУ.

Длабоките политички поделби на Косово ја спречуваат Приштина да започне реформи, а да не зборуваме за нивно спроведување до крај. Таков е случајот со дијалогот со Белград, што е еден од условите за двете страни да напредуваат на патот кон евроинтеграциите.

Албанија останува „блокирана“ од барањата на Холандија, Франција и Данска кои бараат натамошен напредок во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата во земјата, додека Северна Македонија, откако сѐ што беше од неа барано и испорачано, повторно се најде пред 'затворени врати' на ЕУ, овојпат поради забелешките на Бугарија за културниот и историскиот идентитет на земјата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми