Уште пожестоки протести по клоците на советникот на Ердоган
15 мај 2014Масовните протести против турската влада по големата рударска несреќа во Сома продолжија во Измир, каде турската полиција денеска (15.05.) повторно интервенирала со солзавец и водени топови, откако околу 20 илјади лица излегле на улиците во знак на протест поради смртта на 282 рудари. Во судирите е повреден лидерот на синдикатот ДИСК, Кани Беко, и е пренесен во болница. Беко вчера рударската несреќа ја нарече „масакр“.
Клоци против демонстрантите
Владата се најде под огромен притисок поради рударската несреќа. Критичарите ја обвинуваат за недоволна грижа за безбедноста на луѓето при работа во рудникот за јаглен.
Советник на премиерот Ердоган, кој со клоци се пресметуваше со демонстрант кој лежи на земја, а го држат двајца полицајци, долеа масло на огнот. Фотографијата на советникот Јусуф Јеркел беше проширена по социјалните мрежи. Тој вчера го придужуваше Ердоган при посетата на Сома, кога демонстрантите го пречекаа со извици „уа“. Јеркел за БиБиСи потврдил дека е тој на фотографијата. Според тврдењето на Јеркел во турските медиуми, човекот бил милитантен левичар, кој ги нападнал него и премиерот и ги навредувал.
Ердоган морал да бега во супермаркет
Во Анкара и Истанбул вчера илјадници демонстранти бараа оставка од премиерот поради рударската несреќа. Во Сома Ердоган морал, со полициска заштита, да се засолни во еден супермаркет пред разгневените луѓе.
Турските синдикати повикаа на штрајк во целата земја.
„Стотици наши колеги во Сома од почеток беа препуштени на смртта, со тоа што беа принудени да работат под брутални работни услови, за богатите да остварат највисок профит“, се вели во повик на синдикатот до членството.
Експлозијата во рудникот за јаглен Сома се смета за најтешката рударска несреќа во историјата на земјата. Спасувачките екипи денеска пронашле тела на уште осум жртви во несреќата, со што бројот на загинати рудари порасна на 282. Се претпоставува дека во јамата на рудникот се заробени уште околу 90 рудари.