1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фабрика на иднината

М. Шмит / Е.М. Фиданоска14 јуни 2014

Како да се обезбедат исти услови за работа во производството и во администрацијата? Како со подобра комуникација се крати времето на развој на еден производ? Во една фабрика на иднината во Германија тоа веќе се испробува

20.05.2014 DW TV Made in GERMANY Wittenstein
Фотографија: DW

Иновативната фабрика на фирмата „Витенштајн“ однадвор привлекува со дизајнот, а одвнатре со експерименти. Вработените наликуваат на номади, немаат јасно утврдено работно место, својот канцелариски мебел го туркаат низ новата просторна канцеларија, зафаќаат неискористени работни маси. Сето ова е така од пред неколку недели. Продажба, развој, логистика и производство - сите соработуваат тесно. Нов производ треба да се создаде побрзо отколку досега.

Штефен Франк, раководител на Одделението за продажба, објаснува: „Во суштина отпаѓа ‘мртвото време‘. Целото усогласување со колегите, свикувањето на луѓето, телефонирањето за термини - сето тоа отпаѓа, затоа што не ни е потребен посебен термин за да размениме мислење, седиме заедно и можеме директно да работиме на темите.“

Шефот на фирмата Дитер Шпат целиот нов објект го има насочено кон обезбедување подобра комуникација. За него кратките патишта се од решавачко значење. Од производството до луѓето задолжени за развој има нецели 30 чекори, во другите оддели е отприлика исто. Дали тоа навистина ќе ја поттикне соработката?

Претседателот на Управниот одбор на „Витенштајн“ Дитер Шпат објаснува: „Доаѓа до оплодување врз основа на реакциите на муштериите, на идеите од развојниот процес, што во производството е неопходно. Ако се сака реализација на такво нешто, тогаш тоа значи дека ни е потребна поинаква организација на работа, потребна ни е комуникација. Целиот објект е направен во насока на среќавања и добар просторен преглед.“

Поинтензивниот контакт треба да донесе предности во конкурентноста. Оваа средна фирма сака да отскокне од конкуренција преку иновации. Но за таа цел вработените мора се‘ побрзо да создаваат нови електромотори, неопходни за индустриските роботи.

Штефен Франк вели: „Муштериите очкеуваат пократко време за развој на еден производ, што значи ако порано сме имале време од една година за да извадиме нов производ на пазарот, сега очекувањата се значително повисоки и тоа треба да се направи за половина година. За половина од времето мора да добиеме ист резултат, дури и подобар. Тоа е притисокот кој го чувствуваме.“

Атмосферата е повеќе како во канцеларија отколку како во производствена халаФотографија: dapd

45, 46, 47 чекори и човек од продажбата е веќе кај колегите во производство. Витенштајн во новата фабрика инвестираше 35 милиони евра. И навистина - тие разговараат почесто меѓусебно отколку што е тоа случај во други фабрики. Но дали промените му одговараат секому?

Раководителот на Одделението за производство, Уве Фриз, оценува: „Луѓето се различни, има луѓе кои се отворени за нови нешта и тие веднаш се прилагодуваат и во тоа гледаат предности. Има, би рекол, и чувари на она што е веќе познато, кои сакаат работата да ја работат и натаму како досега. Но и нив ги приклучуваме преку аргументите кои ги имаме, преку пократкото време за лиферување на производот до муштериите, преку поголемата ефикасност.“

Дел од концептот се и невообичаени работни услови. Во производството е невообичаено тивко. Виљушкарот е најгласниот овде.

Атмосферата е повеќе како во канцеларија отколку како во производствена хала. „Најважна цел беше вработените во производството да имаат исти услови за работа како оние во администрацијата, што значи да биде чисто, да нема бука, мириси. Секаде каде што е неопходно имаме правосмукалки. Сите постројки имаат изолација за нивото на буката да биде екстремно ниско“, раскажува Уве Фриз.

Новите модели сега во иновативната фабрика се развиваат побрзо - порано беа потребни во просек 8 месеци, а сега 7. Новиот концепт се чини покажува ефект.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми