1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фантоми во Ајфел

Свен Пеле/З. Јордановски6 август 2015

Официјално тоа е тајна, но фактички јавна тајна дека последните преостанати американски атомски бомби во Германија се наоѓаат во покраината Рајнланд-Пфалц, во база на германското воено воздухопловство - Луфтвафе.

Фотографија: picture alliance/dpa

Германско и американско знаме се веат на портата од воздухопловната база Бихел. Стражарот кај рампата со недоверба гледа во Катја Темпел. Нејзините зборови се губат во татнежот што одненадеж доаѓа од кај базата. „Тоа се повторно ’торнадата’ во тренажен лет“, вели Темпел кога малку стивна татнежот.

Оваа 52-годишна акушерка раскажува дека авионите редовно полетуваат одовде. Таа во пролетта помина многу време во регионот на Ајфел. Од март до мај, заедно со други активисти, Темпел ја организираше 65-дневната протестна акција „Бихел 65“. Цел на акцијата беше блокада на местото во кое се претпоставува дека се наоѓа последното американско атомско оружје на германска почва.

Реликт од Студената војна

Тука, во базата на Тактичката ескадрила 33 на Луфтвафе, се верува дека се сместени 10 до 20 американски атомски боеви глави од времето на Студената војна; подземно, во одвоен дел надгледуван од американската војска. Официјално никогаш не беше потврдено нивното постоење - НАТО и германската влада од безбедносни причини не се изјаснуваат конкретно во врска со тоа. Заедничка информативна политика е ни да се потврди, ниту да се демантира присуството на атомско оружје на одредени места.

Но, јавна тајна е дека во Европа, а и во Германија, е сместено американско нуклеарно оружје. Американските документи не оставаат никакво сомневање во тоа. А ни германската влада не го оспорува присуството на американските атомски бомби во Германија. Во коалициониот договор меѓу партиите на Унијата (ЦДУ/ЦСУ) и СПД е забележано дека сојузната влада, под одредени предуслови, има намера да се заложи за „повлекување на тактичкото атомско оружје стационирано во Германија и Европа“.

Всушност цврсто сознание е дека во Бихел има околу 20 атомски бомби, вели Отфрид Насауер, експерт за прашања на вооружувањето од Берлинскиот информативен центар за трансатлантска безбедност. Станувало збор за два типа бомби со максимална експлозивна сила помеѓу 50 и 170 килотони, односно 4 до 13 пати посилни од атомската бомба фрлена врз Хирошима на 6 август 1945 година.

Катја ТемпелФотографија: DW/S. Pöhle

Во Ајфел пилотите на Луфтвафе тренираат и борбени акции со авиони, кои по потреба би ги носеле и тие атомски бомби. Тоа во НАТО се нарекува „нуклеарен удел“. За време на Студената војна, во случај на потреба, германски борбени авиони требаше со американските атомски бомби да го запрат напредувањето на тенковски трупи на Варшавскиот пакт - откако тоа ќе го авторизира американскиот претседател. На врвот од Студената војна во Европа беа стационирани околу 7300 американски атомски бомби.

Денешните уште само околу 180 американски нуклеарни бомби во Европа, според Отфрид Насауер, всушност речиси и немаат некакво воено значење: „Дејството е повеќе политичко-психолошко. Тие, на пример, се гаранција за новите членки на НАТО дека Американците со нивните атомски бомби по потреба ќе стојат на располагање за одбрана на Европа“.

Модернизација наместо повлекување

Повлекувањето на американското атомско оружје од германска почва овде всушност политички е веќе решено. Во коалициониот договор од 2009 година партиите на Унијата и либералите јасно се стремат кон тоа, а и Бундестагот со големо мнозинство во 2010 година се определи за таа цел.

Но, досега не дојде до тоа. Напротив. Министерот за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер неодамна во Бундестагот призна: „Никако не сме се откажале од таа тема. Но, подеднакво е тешко како и во минатите години“.

Можеби е дури и потешко, оти глобалната геополитичка состојба упртаува на друга насока. Владата на САД пред неколку години реши да го модернизира атомскиот арсенал во Европа со програма вредна милијарди долари. Во Германија стационираните, застарени бомби, тогаш веројатно ќе бидат заменети со попрецизни, дигитално насочувани оружја.

Насауер вели дека на Берлин му стана јасно оти во наредните години не може да се смета на повлекување на американското атомско оружје. Згора на тоа, кај делови на сојузната влада постои загриженост дека при повлекување на атомскиот арсенал на САД би било загубено влијанието врз планирањата за тоа оружје. Но, тоа во исто време значи „прелиминарно решение дека Сојузната влада ќе мора да прифати модернизирање на тоа оружје, кое потоа од 2020 година ќе треба да биде донесено во Европа“, вели Отфрид Насауер.

Во таков случај ќе мора да бидат соодветно опремени и ловците-бомбардери „торнадо“, стационирани во Бихел. Бундесверот првобитно планираше да ги повлече од употреба до 2020 година. Во меѓувреме е јасно дека намален број „торнада“ ќе се користат и преку 2025 година, а по потреба уште еднаш ќе бидат модернизирани.

Во таков фон на настаните засега не е ни на повидок целосно повлекување на атомското оружје од Германија, како што бараа Катја Темпел и нејзините соборци од „Бихел 65“ со неодамнешната протестна акција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми