1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фасада

8 март 2021

Како да се излечи она што ни е денес наследена фасада, ја чувствуваме толку непријатна, ја избегнуваме и замижуваме? Само со еден единствен збор, со храброст и со вистинска одлука. Пишува Јана Белчева-Андреевска

Mazedonien Graffiti-Kunst in Skopje
Фотографија: DW/B. Georgievski

Фасада е најчесто надворешен изглед на здание, а може да биде и фасада на човек. Но и едните и другите се непресушни теми, а човечките фасади особено. Сепак, јас ги одбрав другите.

Си почнав така да си мечтаам од тоа колку многу ми фалат патувањата во овие чудни денови на глобална затвореност поради пандемијата, почнав да размислувам на првите објекти кои ме одушевувале уште како млада, кога несвесно сум станувала свесна дека објектите и просторот околу нас ни праќаат пораки и ни влијаат на емоциите. Првиот објект за кој се сеќавам ми беше фасадата на Катедралата во Милано, нејзината накитеност со детали и малку се сепнав дали е политички коректно денес да кажам дека таа ме одушевила. Но, ете признавам, приказната дека еден објект може да се гради и да се кити 5 века ми беше фасцинантен исто колку и запрепастувачки, врзувајќи се за она што кај нас беше 5 века – Турското ропство. И така пребарувајќи по своите фиоки мемории малку подолу вo Galerijata Vittorio Emanuele II во Милано каде архитектот кој за првпат комбинирал фасада на метал и стакло во 1870 добил толку многу критики што на крај се самоубил фрлајќи се од покривот на галеријата. За изгубениот човечкиот живот поради една фасада, а под притисокот на јавноста и осудата и денес сведочи флеката крв врз која е нацртан бикот. Фасадите од мојата историја одат кон неповторливата Барцелона и разиграноста и слободата на тој прекрасен град, но и шаренилото на трошните фасади на Мексико обоени со гласната музика на Маријачите и насмеаните Мексиканци задоволни со сонцето и текилата. Како фасадите на луѓето, така и лажливоста на фасадите не е денешна инвенција. Неа ја имало и во времето на Марија Антоанета која си направила лажно село во Версај за да гледа како изгледа животот на обичните луѓе, секако далеку од реалноста, и ги гледала се додека тие вистинските селани не дошле да и пресудат на гилотина. Се присутните лажни фасади кои не кореспондираат со денешницата ги имаме за жал и во нашиот град. Така Скопје за време на 10 години диктатура го доби називот Престолнина на кичот и тој белег ни стои сеуште.

Јана Белчева е член на Советот на општина Центар и поранешен негов претседавачФотографија: Jana Belceva Andreevska

Од фасадите на објектите од средниот век не гледаат ангели и птици, цареви и војсководци, но и обичен народ претставен во секојдневните активности. И тоа историско патување кое ни го овозможуваат старите фасади не враќа во времето на некои други вредности и правила, на доминација, страв, почитување на авторитети, на покорност. Но еден детал од Бриселскиот Гран Плас и градската куќа зборува за нешто поинакво. Таму се претставени луѓе, со столчиња во рацете, одејќи да ја следат работата на градската управа (градскиот Совет). Тоа предизвикува едно поинакво чувство и буди поинакви размислувања отколку авторитативноста и доминацијата на власта.

Тротоарите на нашето достоинство

Учеството на луѓето, на граѓаните при носење на одлуки, особено одлуки од локално значење не е новитет, не е нова форма на демократијата, таа е вградена длабоко во потребата на човекот, неговиот глас и потреби да бидат слушнати и препознаени, најмногу затоа што просторот кој го опкружува човекот делува на неговата секојдневна среќа. Сосема се согласувам со Ален де Ботон кој пишува за тоа колку тротоарите по кои чекориме ни делуваат на нашето достоинство. Слободата, безбедноста, спокојот, пријатноста да се биде во отворениот јавен простор ни покажува дека и нашето достоинство некому му било важно, дека одлуките да го направи просторот токму таков не се случајни, туку се со почит кон луѓето. Готските објекти не плашат праќајќи ни ја пораката колку е човекот мал, кое зрно песок е неговиот живот..., но припаѓаат на еден историски контекст и прилегаат на уредувањето и управувањето од тој период. Денешните старо-нови лажливи објекти се само потврда дека во време кога треба да се поттикне граѓанското учество, да се даде вредност на човечкиот живот, на личната креативност, слобода и дух, некој се обиде да ни наметне „убавина„ со која ќе сака да не скроти, да не затвори, ограничи и обезличи. И успеаа да не избркаат и да не оддалечат од нашиот град и се она што го чувствуваме како свое, заедничко, обединувачко и што беше дел од нашата лична историја.

Да се вратам на луѓето кои си носат столчиња за да ја следат дебатата на градската управа во Брисел и нивната потреба да станат активни граѓани, да придонесат кон препознавање и разрешување на предизвиците во сопствениот простор. Оваа идеја за вклученоста на граѓаните беше моја водилка додека седев во Општинскиот Совет во Центар, Совет кој архитектонски воопшто не прилега дека е отворен за дебати и граѓанско учество, но ниту има разбирање за потребата од транспарентноста во неговата работа. А можноста за трансформација кон транспарентност е најдобро прикажана во Германија во Рајхстагот. Повторната изградба на Германскиот парламент, Рајхстагот е приказна за идеализираната амбиција наспроти белегот кој го носи од нацистичкото време. Норман Фостер му пристапува на Рајхстагот со филозофска амбиција, со модерни материјали, висока технологија, но во хармонија со постоечкото, со светлина и транспарентност која повикува на зајакнат процес на демократија, како симбол на обединување не само на Германија, туку на Германците во процесот на донесување одлуки од политичарите. Јавноста е практично поставена над парламентарците, и одозгора ги гледаат политичките процеси. Берлин така станува симбол на преобразба, интернационален град каде се поттикнува креативноста, уметноста, творењето и СЛОБОДАТА, град во кој секојдневно има над 35 граѓански протести.
Нашата купола во Собранието, за која поранешниот претседател рече дека е како таа во Берлин, е само потврда колку чувството за демократија и отчетно владеење беше неприсутно во нашиот Законодавен дом.

Граѓаните се важни само пред избори

Моето искуство во Советот на Центар, уште од пред да станам советник, е дека граѓаните се важни само додека не поминат изборите. Потоа, нема зошто да се мешаат во работата на избраниците, ниту пак треба да ја следат нивната работа. Тој страв од граѓанска партиципативност го видов и го гледам сеуште, од негодување зошто го објавувам дневниот ред и повикувам на следење на дебатата, легитимирање на присутни граѓани во Совет, па се до менување на објавен онлајн линк за Седница на Совет, менување на емаил адреса на која треба да стасаат анкетни листови за ДУП итн. Врв на лажната фасада за демократско владеење на општинскиот Совет беше гласање против пренесувањето во живо на интернет на седниците на советот, како и можноста за консултативен процес пред гласање на предлог одлуките. Ако одлуките се носат за да се обезбеди или врати достоинството на граѓаните, не знам од што тогаш треба да се плашиме ако работиме за таа цел.

Готфрид Бем 1986 при приемот на Притцкеровата награда која се доделува за жив архитект кој впечатливо придонел за хуманост со архитектонската уметност што ја креирал ќе рече: „Нашата генерација изгради многу, но вашата генерација ќе мора да се потруди сето тоа да го излечи." 

Како да се излечи она што ни е денес наследена фасада, ја чувствуваме толку непријатна, ја избегнуваме и замижуваме? Само со еден единствен збор, со храброст и со вистинска одлука. За да не мора на ќерка ми да и велам дека фразата – „Ружна ви е владата" замина заедно со надежта за поубаво Скопје.

Аерозагадување - Скопје се гуши во отровна магла

05:12

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми