1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фасцинацијата од фудбалот како инспирација за карикатури

Ј. Шмалиш / З. Јордановски26 јуни 2014

Аргентинскиот карикатурист Херман Аксел црта карикатури со фудбалери. Во март годинава тој ја објави својата книга „Светски куп 1930-2014“, која претставува илустрирана приказна на светските фудбалски првенства.

Фотографија: Aczel/Edel Books

Највпечатливите сцени од светските фудбалски првенства: незаборавни моменти, прикажани со малку претерување и хумористично. Херман Аксел, кој потекнува од Аргентина, од 90-тите години на минатиот век се специјализира за фудбалски карикатури и тоа стана негова професија.

„Ја имав среќата и луксузот да можам да живеам од мојата страст - го сакам фудбалот и цртањето. Уште како мал дома во Буенос Аирес постојано играв фудбал, петмина против петмина на теренот. Ќе ме повикаа на телефон и јас веднаш одев да играм“, вели Херман Аксел, карикатурист на фудбалски теми.

Илустрираната приказна на светските фудбалски првенства од 1930 до 2014 годинаФотографија: Aczel/Edel Books

Кога Херман Аксел прави карикатура на некој фудбалер, како на пример германскиот репрезентативец Месут Езил, како основа користи што е можно поголем број различни фотографии, а понекогаш и видео-снимки.

„Тој и Рибери ми се двајцата фаворити, оти имаат многу карактеристични елементи на ликот, па се идеални за карикатуристите“, вели Аксел и додава:

„Езил, на пример: кај него прво се - испакнатите очи, потоа уште и шпицестиот нос, како и тесното лице - тоа е идеално за карикатура“.

Херман Аксел со една од своите карикатуриФотографија: Aczel/Edel Books

Херман Аксел објавува карикатури во различни списанија. На почетокот на кариерата работеше за аргентински и бразилски магазини, а денес првенствено за англиското фудбалско списание „ФорФорТу“, односно „ЧетириЧетириДва“, и за германскиот магазин „Браво-спорт“.

„Има различни типови на карикатури, не само типичните, кои прикажуваат едно лице. За англиската ревија ’ФорФорТу‘ илустрирам важни сцени од некој натпревар, кои навистина се случиле, спектакуларни голови како овој на Роберто Карлос. За германските списанија, пак, правам мали стрипови, кои секогаш завршуваат комично; тоа се измислени, но смешни сцени“, вели Аксел.

Идеалниот тим од најдобри играчи на сите времиња, според Херман Аксел би изгледал вака: Пеле, Марадона, Роналдињо и Клинсман - сите заедно во иста екипа. Тој има веќе и посакувано сценарио за финалето на ова светско првенство во Бразил: аргентинскиот репрезентативец Меси во 119 минута ги минува Германците Милер, Езил, Швајнштајгер, Геце, Кедира, Боатенг, Лам и Нојер и потоа со петицата ја втурнува топката во голот.

„Многумина Аргентинци посакуваат финале Аргентина - Бразил, но мислам дека е многу подмолно ако во Бразил Аргентина стане светски првак“, вели карикатуристот.

Фотографија: Aczel/Edel Books

Дури по финалето на 13 јули ќе се види дали оваа карикатура со Аргентина како светски првак ќе се најде во весниците или сепак ќе остане само како една шега.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми