1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Добивката на Русија во Македонија

Обработка: Е.М. Фиданоска
19 септември 2018

Ако се отфрли компромисот за името, приближувањето на Македонија кон ЕУ и НАТО ќе биде блокирано долг период, коментира германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Mazedonien Referendum
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Во кусиот коментар на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ на тема Македонија и влијанието на Русија, се вели:

„Русија нема да се вознемири од предупредувањето на американскиот министер за одбрана Матис да не се меша во Македонија. Имено, Москва таму може многу да добие. Доколку граѓаните таму на крајот на месецот го отфрлат компромисот во спорот за името со Грција, тогаш натамошното приближување на земјата кон НАТО и ЕУ е блокирано на долг период. Со тоа, руското раководство во Македонија би успеало да го направи она што доживеа спектакуларен неуспех во Црна Гора - да го спречи проширувањето на НАТО на Балканот. Москва, значи, ќе продолжи во ист дух како до смената на владата минатата година на авторитарно-националистичкото раководство во Скопје, кое ширеше антизападно расположение во земјата и ја доведе земјата во изолација. Активностите на Москва таму би требало да се наречат со вистинското име. Уште поважно е она што водечките ЕУ-политичари, меѓу нив и канцеларката Меркел, го направија со своите посети во текот на изминатите ндедели: на луѓето да им покажат колку многу може да се добие со решавањето на спорот за името.“

Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Murat

Текстот на Оливер Грим под наслов „Проблемот на ЕУ со лажните вести во Македонија“, објавен во австриски „Ди пресе“ се занимава со пропагандата на социјалните медиуми. Во текстот се потсетува на референдумот во Македонија, кој треба да се одржи на 30 септември и на тоа дека проблемот со името со години е причина за македонско-грчкиот спор, а тоа го отежнува процесот на приближување на Македонија кон ЕУ. Натаму, меѓу другото, се вели:

„Накусо: 'да' за преименување би значело огромно јакнење на македонската ориентација кон Западот. Кого тогаш би го зачудило, што тоа не го радува Кремљ? На социјалните медиуми со недели кружи сеништето на целни дезинформации, дневно се појавуваат по 40 нови Фејсбук-групи. Сите го следат урнекот кој потсетува на, докажано од страна на руската тајна служба лансираните, слични групи за време на американските избори во 2016 година. Нивна цел: да се предизвика несигурност кај што е можно повеќе Македонци и тие да не го дадат својот глас. Имено, ако одзивот на референдумот е под 50%, тој би бил неважечки и одлуката ќе се префрли на парламентот во Скопје. Тоа пак, многу би ја намалило веродостојноста на одлуката за преименување. Соодветно голема е загриженоста во земјата, но и кај западните набљудувачи. Американскиот министер за одбрана деновиве во Скопје предупреди од мешање на странски сили (на патот дотаму зборуваше недвосмислено за Русија), а од целни дезинформации предупреди и генералниот секретар на НАТО. А ЕУ, поточно Европската комисија и германското Министерство за надворешни работи? Таа молчи, односно избегнува јавно прашања околу тоа како би можело да ѝ се помогне на владата во Скопје за одбрана од напади со дезинформации. Притоа, раководството на ЕК е свесно за проблемот. За 'Пресе' велат дека против лажни вести се преземаат чекори на локално ниво, во соработка со невладини организации, претпријатија и личности, затоа што тие на лице место се многу веродостојни. Освен тоа, Русија во Македонија, како што се вели, за разлика од соседна Србија, има мала сентиментална поддршка кај народот или кај православната црква... Сепак, би било добро доколку и Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини конечно јавно најде јасни зборови за невидената кампања со лажни вести од руски извори.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми