1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Естетски погрешни чекори во масло

ЕМФ / фац7 јуни 2016

Аферата со прислушувањето во Македонија е побогата за уште една скурилност, пишува ФАЦ во текстот кој се занимава со сликите наменети за седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и бурата која се крена околу аудио-снимката со гатачката.

Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Во текстот со наслов „Естетски погрешен чекор во масло“, весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ) денеска дава детали во врска со сликите кои, според порталот Нова ТВ, се наменети за седиштето на владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Скопје.

„Партијата ниту го демантираше извештајот, ниту ја потврди автентичноста на сликите. Сигурно е: тие би одговарале во огромното ново здание во центарот на Скопје, изградено во неокласицистички стил...“, оценува ФАЦ, додавајќи дека кај противниците на Груевски „сликите предизвикаа мешавина од потсмев и шок“.

Со „еднаква мешавина од чувства голем дел од македонската јавност реагираше и на една друго откритие, кое дојде речиси истовремено: на Јутјуб од анонимен корисник е објавен речиси двочасовен разговор, во кој, според претпоставките Груевски, прима совети од астролог не само за лични работи, како семејството, здравјето и работата, туку ја прашува и како стојат ѕвездите на неговите политички противници“, наведува весникот.

Во текстот се потсетува на содржината на објавените снимки од прислушувани разговори од страна на лидерот на СДСМ Заев, од кои се слуша „како Груевски и неговите најблиски соработници разговараат за фалсификување избори, мешање во работата на правосудството и постапките против своите противници“.

ФАЦ натаму пишува:

„Сега објавената снимка ја прави работата уште позбунувачка. Не се работи за телефонски разговор кој бил прислушуван, туку веројатно за разговор во кабинетот на Груевски. Како можела да биде снимена? Кој ја објавил? И, зошто? Владејачката партија зборува за 'валкани политички игри на нашите противници'. Меѓутоа, во Македонија се шпекулира и за интриги во непосредното опкружување на Груевски.“

На крајот на текстот, угледниот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ заклучува дека улогата на германскиот пратеник за Македонија, Јоханес Хајндл, „со тоа станува уште потешка“:

„Тоа што постои специјален пратеник, покажува за колку опасен го смета Берлин конфликтот во Македонија, во кој еврокомесарот за проширување Јоханес Хан се обидува да посредува повеќе од една година.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми