1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ФАЦ: Ни Орбан не успеа да го спаси Груевски

БГ
17 октомври 2017

За владината коалиција во Скопје, во која СДСМ коалицира со албанската ДУИ, сега започнува вистинската работа, пишува германскиот Франкфуртер алгемајне цајтунг. Какви отстапки ќе направи Заев кон Грција?

Nikola Gruevski und Viktor Orban
Фотографија: MIA

„На крајот ни Виктор Орбан не можеше да помогне: Никола Груевски, долгогодишниот македонски премиер во чие време балканската држава потона во мочуриште на самоволие и корупција, доживеа пораз на локалните избори во неделата“, пишува Франкфуртер алгемајне цајтунг во текстот под наслов „Ќе ја отвори ли Македонија балканската рута?“
Насловот, весникот го извлекува од брифинг од ВМРО-ДПМНЕ од каде добил информации дека премиерот Зоран Заев би можел да преземе таков чекор како израз на добра волја кон Грција. Дали Заев всушност навистина ќе направи таква отстапка е неизвесно, пишува ФАЦ. 
Иако во некои општини на 29 октомври ќе се одржи втор круг на гласање, „веќе е јасно дека поранешната владејачка партија ВМРО (ДПМНЕ, н.з.) која беше раководена со цврста рака од Груевски, по падот од власт на национално ниво, ги загуби и важните градови во земјата, пред сѐ главниот град Скопје“, наведува весникот.

ФАЦ пишува дека во кампањата за предвремените парламентарни избори во 2016 година на помош на Груевски му дошле, освен Орбан, и австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц и Русија, додека Заев бил поддржуван од западно ориентирани политичари.
„Пред локалните избори изостана поддршката од Курц кој и самиот водеше кампања (во Австрија, н.з.), но Орбан повторно го поддржа Груевски. Во Охрид, Орбан рече дека Македонија има шанса да стане членка на ЕУ само со Груевски. Тој го пофали Груевски за подигањето ограда на границата кон Грција на почетокот на 2016 со што ја затворил балканската рута за бегалците“. 
„(...) Но мнозинството гласачи во Македонија во неделата ги поддржаа Заев и неговата СДСМ. За Заев тоа е важен успех, затоа што на изборите се работеше за многу повеќе од избор на градоначалници и советници, туку за идниот правец на земјата. Доколку победеше ВМРО, тоа за Груевски веројатно ќе беше првиот чекор за враќање на власт. Сега повеќе не делува така. За владината коалиција во Скопје, во која СДСМ коалицира со албанската ДУИ, сега започнува вистинската работа“.

Повикувајќи се на извори во ВМРО-ДПМНЕ, ФАЦ пишува дека новата влада би можела да ја демонтира оградата на границата кон Грција. Фотографија: Getty Images/AFP/L. Gouliamaki

Добра волја кон Грција
Од новата влада се очекуваат конкретни чекори од почетокот на ноември, пишува ФАЦ.
„Меѓудругото, Заев сака да се приближи кон Грција во надеж дека Атина ќе го тргне ветото за членство на Македонија во НАТО и за почеток на преговори за членство во ЕУ. За да ја придобие довербата на Грција, новата влада би можела да преиначи некои одлуки на Груевски кои во Атина се толкуваат како провокација и узурпација на нивната историја, како името на аеродромот во Скопје- Александар Велики“.

Преименувањето на аеродромот во Скопје е можно по завршувањето на локалните избори. Фотографија: picture-alliance/dpa

Повикувајќи се на извори во ВМРО-ДПМНЕ, ФАЦ наведува дека новиот премиер Заев би можел да ја отвори бегалската рута, иако потоа авторот на текстот самиот заклучува дека таквата одлука е всушност неизвесна.

„Друго прашање е дали новите властодршци во Скопје ќе бидат подготвени да ја демонтираат граничната ограда чие подигнување во 2016 година предизвика огорченост во Атина. Додека Груевски за својата ограда добиваше отворена поддршка во Виена и Будимпешта и премолчена во други европски главни градови, тогаш опозициските социјалдемократи ја повторуваа мантрата дека оградите не се добар одговор на миграциските бранови во 21 век, и дека времето на ѕидови во Европа помина.
Политичари од ВМРО (ДПМНЕ, н.з.) на Груевски деновиве во неформални разговори брифираат дека Европа сега ќе види каква промена на власта се случила- имено повторно отворање на балканската рута.

Но, како ќе се однесува македонскиот премиер кон оградата во иднина- особено што му е потребна добрата волја на Атина за приближувањето кон ЕУ и НАТО- останува неизвесно“, заклучува ФАЦ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми