1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Преименување на аеродромот во Скопје по локалните избори

БГ
20 септември 2017

„Не под ова име“- е насловот на широката анализа која денеска ја објавува германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг посветена на „вечната“ тема- спорот за името со Грција. Што може да смени новата влада во Скопје?

Skopje Flughafen Umbenennung
Фотографија: picture-alliance/dpa

На почетокот на годинава делуваше како Македонија да е на работ на граѓанска војна, пишува во воведот на анализата ФАЦ. Одбивањето на експремиерот Никола Груевски да ги признае изборните резултати и новата коалиција, блокадата на работата на парламентот и конечно - упадот во Собранието на 27 април.

„Мораше да се смета на сѐ. Дури притисокот од Вашингтон и ЕУ,  го принуди Груевски, поддржуван од Русија, да попушти“.

„Последната македонска криза е нова лекција за тоа, што може да се случи кога една земја кандидат за членство во ЕУ ќе биде препуштена сама на себе“, оценува ФАЦ и наведува дека во 2005 година земјата, заедно со Хрватска, била најнапредна во регионот во поглед на ЕУ интеграциите.

„Но, за разлика од Хрватска, која во 2013 стана членка на ЕУ, Македонија беше принудена да стои во место. Грција не го признава официјалното име на Македонија и го користи - на радост на Москва - своето право на вето во ЕУ и НАТО, за да ја блокира интеграцијата на својот сосед во западните интеграции“.

Весникот натаму наведува дека како резултат на блокадите, земјата под раководство на Груевски загазуваше сѐ подлабоко во авторитарност.

Учење од грешките

Македонија извлече поуки од грешките кои се случуваа во изминатиот период, го цитира ФАЦ натаму шефот на македонската дипломатија Никола Димитров.

„Тоа (владеењето на Груевски, н.з.) не е оправдување за тоа што во Скопје го загубивме компасот. Претходната влада се оддалечи од Европа и на сите им олесни да го блокираат напредокот на Македонија“, вели Димитров. Но, дополнува тој, Македонија научи од своите грешки, а се надева дека и „Европа научила нешто од своите грешки“.

Не ни требаат стотици споменици за да се чувствуваме како горди Македонци, вели Димитров за ФАЦФотографија: DW/Petr Stojanovski

Според ФАЦ, и пред новата влада останува клучниот проблем: спорот со Грција за името. Димитров ветува дека политиката на „антиквизација“ на претходната влада во земјата нема да продолжи. „Не ни требаат стотици споменици за да се чувствуваме како горди Македонци“. Но, пишува натаму весникот, министерот одбива да каже дали новата влада е подготвена да ги преименува објектите, како автопатот или аеродромот во Скопје, кои Атина ги смета за провокативни.

Нема преговори за идентитетот

Но, повикувајќи се на „добро информирани извори во Скопје“, ФАЦ тврди дека такво нешто ќе се случи и тоа по локалните избори во октомври.

„Можно е македонската влада по локалните избори да се одлучи на таков чекор и да го преименува аеродромот со некоја географска одредница или, на пример, во Мајка Тереза“, пишува ФАЦ.

Лицитирајќи со можните имиња кои државата би можела да ги добие при евентуален договор, весникот како примери ги наведува „Нова Македонија и Горна Македонија“, но притоа дополнува дека името на државата и не е најголемиот проблем, туку барањето на Атина да се сменат и името на народот и на јазикот.
„Тоа не беше прифатлива тема за преговори за Груевски, исто како што не е и за Димитров“, вели ФАЦ.

„Ние Македонците не сме се разбудиле едно утро и сме одлучиле да бидеме тоа што сме. Ние сме Македонци како резултат на еден историски процес, околу кој не може да се преговара. Патем, ние не бараме ексклузивитет за нас, да бидеме Македонци. Јас се чувствувам како Македонец, но немам ништо против, кога и некој Грк во Солун се чувствува како Македонец, без разлика дали во регионална или културна смисла“, вели Димитров.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми