ФАЦ: Преспанскиот договор, па евентуални предвремени избори
ЕМФ
11 јануари 2019
Посетата на германската канцелара Ангела Меркел на Грција се реализира во трубулентни времиња за владата на Ципрас поради прашањето на Македонија. Еве што пишува германскиот печат на оваа тема:
Реклама
Германската канцеларка Ангела Меркел својата четврта посета на Грција ја почна среде почеток на политички турбуленции во Атина, констатира весникот „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, наведувајќи дека поради прашањето на Македонија коалицијата на Ципрас со деснопопулистичката партија „Независни Грци“ (АНЕЛ) се заканува да се распадне. Во текстот, меѓу другото, се вели:
„Нивниот партиски шеф (на Независни Грци, н.з.) Панос Каменос сака да ја напушти владата во знак на протест против наводно предавничкиот договор со Скопје. Меѓутоа, веројатно нема да го следат сите пратеници. Најмалку двајца парламентарци на АНЕЛ најавија дека ќе гласаат за договорот (од Преспа, н.з.). Ципрас може да смета и на некои други опозициски пратеници. „Секој човек кој размислува логично во Евроа го претпочита договорот“, вели Ципрас за договорот со Скопје. Меркел вчера застана јасно зад него и повика да се даде согласност за договорот. Тоа ќе им биде од полза на сите, оцени Меркел. Ципрас веќе јасно кажа што планира да направи во случај на повлекување на АНЕЛ: ќе го постави прашањето за доверба на владата, меѓутоа пред да бидат распишани предвремени избори во парламентот уште овој месец ќе бидат истуркани договорот со Скопје, како и некои централни закони. За тоа веројатно ќе има неопходно ад-хок мнозинство.“
„Бадишес тагблат“ коментира дека поради прашањето на Македонија Ципрас е соочен со опасност да не биде веќе столб на стабилност:
„Решавањето на конфликтот со Македонија би било важен сигнал за цела Европа. Но, на Ципрас му откажуваат послушност коалициските партнери и опозициската Неа Демократија (сестринска партија на ЦДУ/ЦСУ). Во многу ЕУ-земји - во Полска, Унгарија и во земјата која претседава со ЕУ, Романија - стабилноста е непознат збор. Грција би можела набрзо да припаѓа на оваа несакана алијанса. Доволна причина за Меркел да ја искористи фазата на нормалност и да негува пријателства додека ги има.“
Осврнувајќи се на односот на Меркел и Ципрас, „Фолксштиме“ од Магдебург оценува:
„Во левичарскиот премиер Ципрас, кој долго време ѝ беше противник, таа во меѓувреме има соработник на европскиот проект. Двајцата се залагаат за крај на спорот за името со Македонија, што е предуслов за пополнување на ЕУ-празниот простор на Западниот Балкан. За Меркел, која се наоѓа во есента на своето канцеларување, тоа е и добра шанса за поправање на нејзиниот европски биланс.“
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.