Ќе му помогнат ли Албанците на Заев да го прогони Груевски?
БГ
13 јануари 2017
„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ денеска ја анализира постизборната состојба во Македонија и можните коалиции кои во иднина би ја предводеле владата. Клучното прашање гласи: Ќе помогнат ли Албанците да се урне Груевски?
Реклама
Погледот кон Македонија повторно се врти поради проблемот со бегалците и фактот дека земјата важи за главна „порта“ за нивното движење кон западна и северна Европа. Од овој аспект, во текстот под наслов „Гнилата порта на балканската рута“, ФАЦ оценува дека по изборите од декември, битката за власт во земјата е возбудлива, набројувајќи ги притоа поделбата на пратеничките места меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, но и вмешувањето на албанскиот премиер Еди Рама во изработката на заедничката платформа на албанските политички партии во Македонија.
„Порано, Груевски и другите изборни победници се обидуваа своите помали албански партнери да ги свртат едни против други. Доколку една албанска партија не е послушна, ѝ се заканува создавање коалиција со некоја друга. Тоа веќе не е така едноставно. Имено, со одлучно посредување на премиерот на една соседна држава - Еди Рама од Албанија - три од четирите партии на македонските Албанци кои влегоа во парламентот потпишаа пакт. Во него се сместени седум барања кои мораат да бидат исполнети за една албанска партија да влезе во владата во Скопје“, пишува ФАЦ.
„Барањата се Албанците веќе да не бидат привилегирано малцинство, туку по сите прашања - рамноправна етничка група, нешто како Турците во Кипар. Албанскиот јазик треба да стане втор официјален јазик, не само таму каде што Албанците се мнозинство, туку низ цела Македонија.
(...)Македонската химна и знаме исто така треба да се сменат за да бидат прифатливи и за албанската заедница. На крај, треба да се признае и 'геноцид врз Албанците' во периодот меѓу 1912 и 1956 година.
„За наводни злосторства во првата Балканска војна од 1912 година, Албанците треба да преговараат со Белград, затоа што токму Србија го анектираше тој дел од Македонија од Османлиите. Независната држава Македонија се формираше речиси 80 години подоцна.
А македонското знаме, за кое многумина, а не само словенските Македонци, мислат дека е убаво или макар оригинално, не прикажува етнички, туку историски симбол, кој многу ги нервира Грците“.
Власт по секоја цена
„(...) Албанскиот премиер Рама избра најпофални зборови за барањата кои беа испреговарани со негова помош: 'заедничката волја на албанските партии во Македонија е историски чекор'. Отсега, правата на Албанците нема да се менуваат за министерски функции, го коментираше Рама своето вмешување во внатрешната политика на соседната земја.
За Груевски, кој се потпира на претежно националистички поддржувачи, тоа е тешка стартна позиција.
(...) Но Груевски сака по секоја цена да остане на власт. Тој ќе мора да постигне согласност со најмалку една партија на Албанците за да ја оневозможи истрагата која, под притисок на ЕУ, се води против него и неговите соработници за корупција. Во спротивно, мандатот ќе отиде кај неговиот најголем непријател Заев кој и ги затркала истрагите за корупција и кој, како премиер, нема да се смири додека неговиот претходник не заврши зад решетки“.
„На Заев и на неговите социјалдемократи им успеа нешто неверојатно, нешто што дава тивка надеж за Македонија: во изборната кампања тој се трудеше да ги добие и гласовите на Албанците. Настапуваше во места со мнозинство Албанци, каде за македонските партии досега немаше ништо. Но изборните анализи покажуваат дека имаше успех.
(...) Сега Заев ја очекува шансата да го прогони Груевски еднаш и засекогаш. Дали Албанците ќе му помогнат во тоа?“, прашува ФАЦ на крајот на анализата.
Кој е кој во македонската политика
Предвремените парламентарни избори нема да понудат многу нови лица на македонската политичка сцена. Главната битка ќе ја водат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ со своите коалиции. Изненадувања се можни во албанскиот политички блок.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ѓорге Иванов- претседател на државата
Иванов е на средината на својот втор мандат. Некогаш почитуваниот професор на Правниот факултет во политиката често е предмет на остри критики, а и самиот е извор на бројни контроверзи. Ќе остане запаметен по амнестијата за сите политичари против кои се водеа постапки, по што избувнаа масовни протести. Во јуни 2016 година, по силен домашен и меѓународен притисок, Иванов ја повлече аболицијата.
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca
Никола Груевски - ВМРО-ДПМНЕ
Беше избран за премиер во 2006 година како млад технократ кој најавуваше „Преродба“ на државата. Кормилото на ВМРО-ДПМНЕ го презеде во 2003. Боксер во детството, брокер во младоста, во меѓувреме стана политичар со најдолг премиерски стаж. Во јануари 2016 ја напушти функцијата жестоко притиснат по скандалот со прислушкувањето. Изборите во декември ќе ја одредат неговата, не само, политичка судбина.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Зоран Заев - СДСМ
Скандалот со прислушувањето го издигна Заев во водач на фронтот против власта. Долги години мина во сенка на Бранко Црвенковски во СДСМ, кој го аболираше за „случајот Глобал“, а Заев му се одолжи со времено „греење“ на партиската фотелја. Од 2005 е градоначалник на Струмица, а во мај 2013 беше избран за претседател на СДСМ. Неговата амбиција е градоначалничката функција да ја замени со премиерска.
Фотографија: DW/K. Ozimec
Али Ахмети- ДУИ
Ахмети во 2002 година ја замени воената униформа на ОНА со интегративниот „костум“ во ДУИ. Со исклучок на периодот од 2006 до 2008 година, неговата партија е постојан придружник во сите македонски влади. Ниту скандалот со прислушкувањето не го убеди да ја раскине коалицијата со Груевски. Гласањето за некои клучни закони во Собранието укажува дека Ахмети му останува верен на Груевски и натаму.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Мендух Тачи - ДПА
Иако формално, тој и неговата партија се во опозиција од 2008 година, прислушуваните разговори и начинот на делување на ДПА укажуваат дека Тачи е во постојан дослух со врвот на ВМРО-ДПМНЕ. Долги години во сенка на Арбен Џафери, по неговата смрт во 2012 целосно ја презеде партијата. Од медиумите и опозициските политичари во земјата ја доби титулата „војвода“ поради наводната блискост со ВМРО-ДПМНЕ.
Фотографија: MIA
Здравко Савески- Левица
Докторот на политички науки веќе со години е активен во политиката, не само како член на Президиумот на Левица, туку и како синдикалец и активист за човекови и социјални права. Во политичкото „СиВи“ запишано му е и едно апсење и повеќемесечен домашен притвор под обвинение за учество во толпа. Неговата Левица најави самостоен настап на изборите, со отворена можност таквата одлука да се преиспита.
Фотографија: DW/K. Delimitov
Андреј Жерновски- ЛДП
Иако формално ја напушти лидерската позицијата во Либерал-демократската партија за да им се посвети на општинските задачи, се очекува градоначалникот на скопската општина Центар високо да котира на опозициските листи на парламентарните избори. Со победата во Центар, на изборите кои беа повеќе пати повторувани, доби шанса да стане симбол на движењето против власта.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Африм Гаши- Беса
Гаши е висок функционер и еден од иницијаторите за формирањето на Беса- партија која претендира да го урне „дуополот“ на ДУИ и ДПА кај албанската етничка заедница. Партискиот лидер Билал Касими веќе најави дека целта на партијата е да стане водечка кај Албанците, но и да иницира промена на Уставот за редефинирање на државата. Тој ги отфрла шпекулациите дека Беса се финансира од Турција.
Фотографија: Katerina Blazevska
Љубчо Георгиевски - ВМРО-НП
Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ на политичката сцена е активен единствено во пресрет на избори. Неговата ВМРО-Народна партија долго соработуваше со опозицијата и беше критична кон власта, но во пресрет на вонредните парламентарни избори одново ја актуелизираше можноста за соработка со некогашните сопартијци од ДПМНЕ. Малкумина ќе бидат изненадени доколку тоа се случи.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Ивон Величковски - Либерална партија
Претседателот на Либералната партија се обидува да игра меѓу „два огна“ позиционирајќи ја својата партија како алтернатива и на власта и на опозицијата. Остар критичар на власта, но и на пазарењата меѓу четирите водечки партии. Бараше опозициски договор за изолација на ВМРО-ДПМНЕ по изборите, но наиде на молк. Прашање е дали самостојниот настап на изборите на ЛП ќе и донесе пратеничко место?
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Зијадин Села - Движење за реформи во ДПА
Специјалистот по интерна медицина го предводи Движењето за реформи во ДПА откако се одвои од матичната Демократска партија на Албанците и расчисти со некогашниот партиски соработник Мендух Тачи. Анкетите не и даваат големи шанси на неговата партија на изборите, но Села и натаму ќе може да управува со Струга како градоначалник.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Љубе Бошкоски- Обединети за Македонија
По излегувањето од затвор, Бошкоски не е многу активен на политичката сцена. Првите месеци ги мина во изолација, а сега најавува учество на неговата Обединети за Македонија на предвремените избори. Прашањето е само... со кого? Засега се најавува соработка со ВМРО-НП на Георгиевски, но никој со сигурност не ја исклучува можноста дека двајцата би можеле да се вратат во прегратките на Груевски.