1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силно загадени водите на македонските езера

23 декември 2021

Истражување на водите на трите езера покажува дека тие се високо загадени со тешки метали и фекалии кои, не само што се опасност за живиот свет, туку не се препорачуваат ни за наводнување или рекреација.

Македонија Охридско езеро
Истражување на водите на трите езера покажува дека тие се високо загадени со тешки метали и фекалии. фото: архиваФотографија: DW/M. Jovanoski

Степенот на загаденост на водите од Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро е во Класа 4 што ја прави непогодна за наводнување и рекреација, покажува истражувањето на квалитетот на водите спроведено од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè". 

Според микробиолошките анализи, во Дојранско и Тиквешко Eзеро се детектирани колиформни бактерии од фекално потекло, кои ги класифицираат езерата во Класа 3 и 4. Микробиолошко загадување од Класа 3 значи дека водите може да се употребуваат за наводнување, а по обработка и во индустријата на која не ѝ е потребна вода со квалитет за пиење, додека загадувањето од Класа 4 не дозволува оваа вода да се користи за рекреација. Концентрациите на нитрити, кои се сметаат за многу токсични за рибите и целиот жив свет, во сите три езера се исто така на многи високо ниво. 

Во Беровско и Тиквешко Езеро на есен значително се зголемуваат концентрациите на вкупниот фосфор и достигнуваат Класа 4. Ова укажува на можно загадување на водите во овие езера заради прекумерна употреба на ѓубрива во земјоделството, нетретирани комунални води и испуштања од фарми или пречистителни станици. 

Широка лепеза на метали во водите 

Кога станува збор за растворени метали во водите, во Дојранско Езеро, концентрациите на бакар покажуваат пречекорувања во одредени проби во пролетните и есенските мерења и се категоризирани во Класа 3-4. Во есенските мерења е детектирано пречекорување и кај железото. Во Тиквешко Езеро на есен се јавуваат благо зголемени концентрации на олово и значително зголемени концентрации на кадмиум. Хроничната изложеност на кадмиум може да доведе до големи негативни ефекти врз водните организми. 

Еколошка катастрофа им се заканува на езерата

Според хемиската потрошувачка на кислород во водите, која исто така претставува показател за загаденоста на водите, Дојранско Eзеро достигнува Класа 3, додека водите од Тиквешко и Беровско Eзеро се класифицираат во Класа 2. Зголемената хемиската потрошувачка на кислород во Дојранско и Тиквешко Езеро е поради високи нивоа на растителна материја во распаѓање, а состојбата ја влошуваат комуналните и индустриски отпадни води, додека во Беровско Езеро, на есен, се должи на енормното намалување на нивото на водата во езерото. 

Рибар ослободува птица од замрзнатите води на Дојранското езеро. фото: јануари 2017Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Како се класифицираат водите?  

Мониторингот е спроведен од април до ноември оваа година за да се утврди квалитетот на водата во Дојранско, Тиквешко и Беровско Езеро, кои се користат за различни намени - туризам и рекреација, наводнување и водоснабдување, и тоа во два периода од годината - на пролет кога се полнат со вода и на есен кога нивото на сите езера е на најниско ниво.

Според намената и степенот на чистотата на водите, тие се распоредуваат во 5 класи, и тоа: Класа 1 - многу чиста, олиготрофична вода, Класа 2 - малку загадена, мезотрофична вода, Класа 3 - умерено еутрифична вода, Класа 4 - силно еутрофична, загадена вода, и Класа 5 - многу загадена, хипертрофична вода. Мониторингот и хемиските анализи ги изврши Лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“, а микробиолошките анализи се направени во Центарот за јавно здравје – Штип.

Истекува времето за спас на реките

18:17

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми