1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фергусон не беше доволна поука

Миодраг Шориќ/ Жана Ацеска4 декември 2014

Добро е што Американците протестираат против полициското насилство, сега во Њујорк, претходно во Фергусон. Зашто, некои политичари покажуваат некомпетентност, а не се прослави ни претседателот, смета Миодраг Шориќ.

Фотографија: ap

Америка е револтирана, илјадници луѓе излегуваат на протести. Конечно. Во спротивно, би се зацврстил сомнежот дека Американците очигледно целосно го имаат загубено својот морален компас. Зашто, повторно полицајци-белци убија еден Афроамериканец поради ситница.

И повторно ќе се извлечат неказнети. Барем така реши Судот на поротата во Њујорк: против полицаецот Даниел П. воопшто нема да биде подигнато обвинение за убиството на Ерик Гарнер. Полицаецот, заедно со други, овде мора да се додаде „така наречени“ чувари на законот, го стегнал за гуша астматичарот Гарнер, со колено му ја притиснале главата на земја, му го згмечиле градниот кош, така што 43-годишниот човек по неколку минути умрел.

Шокирачки слики

Додека од убиството на црниот тинејџер Мајкл Браун во Фергусон нема никакви снимки, Американците можеа сликите на бруталната постапка на њујоршките полицајци да ги видат на телевизија или по социјалните медиуми. Фотографиите се трогателни, го параат срцето. Уште повеќе што се слуша гласот на Ерик Гарнер: „Не можам да дишам, не можам да дишам“.

Гарнер не бил вооружен, ниту употребил телесна сила во одбрана против полицајците, кои прво го опколиле, а потоа заеднички го собориле на земја. Но, сигурно е-тие не можеле да знаат дека 150 килограми тешкиот човек има астма. Сепак, тоа во ниеден случај не ја оправдува постапката: кога Даниел П. него го стега за вратот, ги крши важечките полициски правила за постапување во Њујорк. Дотолку е понеразбирливо што поротниците го ослободиле полицаецот од одговорност.

Миодраг ШориќФотографија: privat

Секојдневно полициско насилство

Патем, ваквото безобзирно постапување не е исклучок во Њујорк.Тоа го докажува службата за поплаки, од каде цитираат американските медиуми. Според податоците, полицајците во периодот од јуни 2013 до јули 2014 околу 200 пати давеле граѓани, а употребувале и други постапки. Ако сега Даниел П. не одговара за убиство од небрежност, можеме слободно да веруваме дека и останатите поплаки поминале без последици. Сето тоа е доказ за секојдневното полициско насилство во САД.

Некои локални политичари овојпат сепак искажаа погоденост. Тие се надеваат на поведување постапка против Даниел П. од страна на сојузниот генерален обвинител. Но, и овојпат, исто како и во случајот со Фергусон, постојат американски политичари кои „зрачат“ со некомпетентност. На пример демократскиот њујоршки гувернер Ендрју Куомо. Тој се колебаше да наложи специјална истрага, која на поротниците би им ги презентирала доказите и би ги објаснила. Никој во Њујорк не ја разбира одлуката на гувернерот. И републиканскиот конгресмен Пит Кинг, еден од најтврдокорните воини во Вашингтон, покажува големо разбирање за очигледно преоптоварените поротници.

Камерите не се доволно

Не се истакнува ни американскиот претседател Барак Обама. По инцидентот во Фергусон, тој побара полицајците да користат поставени камери на своето тело, за да биде регистрирано евентуално погрешно однесување. Обама се надеваше оти тоа ќе ги одврати „шерифите“ од претерана бруталност. Но, полициското насилство не се сузбива толку лесно. Тоа го покажува најновиот случај во Њујорк. Минувачите го снимале апсењето на Ерик Гарнер со своите мобилни телефони. Полицајците тоа не ги интересирало, тие не биле помалку брутални.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми