1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејсбук и Гугл го затвораат вентилот за лажните вести

БГ
15 ноември 2016

Гугл и Фејсбук најавија мерки за сопирање на ширењето на „лажни вести“ на интернет откако станаа мета на жестоки критики поради нивната улога во претседателските избори во САД. Македонските спамери ќе бидат на удар.

USA Präsidentschaftswahlen Poster
Фотографија: Getty Images/J. Moore

Гугл најави дека работи на промена на правилата со цел да ги спречи интернет страниците кои погрешно ја претставуваат содржината да ја користат нивната мрежа за рекламирање АдСенс, додека Фејсбук воведува нови правила за рекламирање кои ќе укажуваат дека забраната за лажни и невистинити содржини се однесува на лажните вести, пишува денеска агенцијата Ројтерс.

До промената доаѓа откако Гугл, Фејсбук и Твитер се соочија со жестоки критики поради нивната улога во американските претседателски избори и дозволувањето да се шират невистинити и често злонамерни информации кои можеби ги насочиле гласачите кон републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Голема дебата се отвори во Фејсбук чиј сопственик Марк Закерберг на двапати инсистираше дека неговата платформа немала никаква улога врз исходот на изборите. Мерките на Фејсбук засега се лимитирани на политиката за рекламирање, и нема да ги таргетираат страниците за лажни вести кои корисниците ги постираат на своите профили.

„Не интегрираме ниту прикажуваме реклами во апликации или страници кои имаат содржина која е илегална, лажна или измамничка, и тоа ги вклучува и лажните вести“, соопшти Фејсбук. 

Гугл и Фејсбук најавуваат мерки против ширењето на лажни вести.Фотографија: Getty Images/AFP/J. Connolly

Ни потегот на Гугл засега не го зафаќа проблемот со страниците со лажни вести, туку само начинот на кој тие страници се рекламираат. Промената е насочена кон тоа да се биде сигурен дека објавувачот на мрежата е легитимен и да се елиминираат финансиските придобивки кои беа главниот мотив за продукцијата на лажни вести.

Македонските спамери и изборите во САД

Најголем извор на пари за многу издавачи е АдСенс, платформа која им овозможува на огласувачите да ставаат реклами на милиони интернет страници кои се дел од мрежата на Гугл.
Како што веќе пишуваше Дојче Веле, многу млади ентузијасти во Македонија креираа интернет страници со лажни вести, најчесто во корист на Трамп и навредливи кон Клинтон, кои потоа беа споделувани на Фејсбук во огромен обем. Споделувањето ги наведе луѓето да кликаат на линковите кои потоа водеа кон македонски интернет страници, кои пак од тоа заработуваа користејќи го АдСенс преку Гугл. 

Фејсбук беше обвинуван дека го дозволува ширењето на дезинформациите онлајн, најголемиот дел про-Трамп, но Закерберг тврди дека Фејсбук немал никакво влијание врз исходот на изборите, ниту дека лажните вести претставуваат голем проблем за неговата социјална платформа.

Велес се „прочу“ низ светот како град од каде потекнуваат бројни про-Трамп сајтовиФотографија: DW/A. Dimitrievska

„Од севкупната содржина на Фејсбук, повеќе од 99 проценти од она што го гледаат луѓето е автентично“, напиша Закерберг во блог во саботата. „Само мал дел се лажни вести и измами“.

Но Базфид цитира неименуван член на специјалниот тим кој бил креиран во Фејсбук со цел да се справи со феноменот на лажните вести. „Закерберг знае, и ние во компанијата знаеме дека лажните вести се ширеа без контрола на нашата платформа за време на кампањата“, вели изворот. 

Професорот по информатика на Универзитетот во Индијана, Фил Менцер кој долго го студира феноменот на ширењето на лажни вести и дезинформации на социјалните медиуми, го поздравува потегот на Гугл со АдСенс.

„Еден од мотивите за добар дел од лажните вести се парите. Ова би можело да го намали приходот кој е главната мотивација за создавање на страници со лажни вести“, вели тој.

Сепак, тој предупредува дека откривањето на страниците со лажни вести не е лесна задача. „Што доколку се работи за страница со дел точни и со неколку лажни вести? За тоа е потребно специјализирано знаење и луѓе кои ќе го прават тоа“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми