Во врска со скандалот со злоупотреба на лични податоци на корисниците, Фејсбук суспендираше и канадска фирма, која играла улога во референдумот за Брегзит.
Реклама
Заговорници на „разводот“ на Велика Британија од ЕУ платиле повеќе милиони фунти на канадската аналитичка фирма Агрегејт ај-кју (Аggregate IQ), соопшти денеска портпарол на концернот Фејсбук. Причина што интернет-гигантот привремено ја суспендира оваа фирма се најновите извештаи за врски помеѓу Агрегејт ај-кју и фирмата-мајка на претпријатието Кембриџ Аналитика, СГЛ.
Кембриџ Аналитика преку апликација за анкета на нелегален начин дошла до лични информации на милиони корисници на Фејсбук, според проценките, станува збор за дури 87 милиони луѓе, од кои 310.000 во Германија.
Британската фирма Кембриџ Аналитика е позната по тоа што ја работеше кампањата на Доналд Трамп за претседателските избори во 2016 година.
Некои се мислат, а некои веќе си заминаа од Фејсбук
Бројни компании соопштија дека го напуштаат Фејсбук или го стопираат користењето на социјалната мрежа. Од Фејсбук велат дека малку луѓе досега ги напуштиле поради скандалот со злоупотребата на лични податоци
Фотографија: Colourbox/Maxx-Studio
SpaceX и Тесла
Елон Маск, милијардерот сопственик на фабриката за електрични автомобили Тесла и ракетно производство SpaceX, на Твитер објави дека ги брише обата профили на неговите компании на Фејсбук. Одлуката делуваше спонтана, откако Маск напиша дека „не знаел“ оти SpaceX воопшто има Фејсбук профил. Профилите на двете компании имаа 2,6 милиони следбеници пред да бидат избришани.
Фотографија: Reuters/T. Baur
Моѕила
Компанијата која е сопственик на популарниот интернет пребарувач „Фајрфокс“ соопшти дека го стопира рекламирањето на Фејсбук. Но, нема да го избрише својот Фејсбук профил, туку ќе престане да постира информации за надградби. „Кога Фејсбук ќе преземе посилна акција во однос на споделувањето на лични податоци... ќе размислиме дали да се вратиме“, соопшти компанијата.
Фотографија: LEON NEAL/AFP/Getty Images
Комерцбанк
Една од најголемите германски банки најави дека го стопира рекламирањето на Фејсбук. „Ќе паузираме со рекламирањето на Фејсбук. Заштитата на податоците и сочувањето на добриот бренд се важни за нас“, изјави директорот за бренд менаџмент на Комерцбанк. Тој вели дека компанијата ќе причека да види што ќе се случува пред да ги преземе следните чекори.
Фотографија: Daniel Roland/AFP/Getty Images
Коосновачот на WhatsApp Брајан Актон
„Време е. #deletefacebook“. „Избриши го Фејсбук“, напиша коосновачот на апликацијата за пораки на Твитер на 20 март. Тој стана милијардер откако му го продаде WhatsApp на Фејсбук во 2014. Неодамна инвестираше во ривалска апликација за пораки наречена Сигнал. Во 2009 година, Актон неуспешно аплицирал за работа во Фејсбук.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Gerten
Сонос
Производителот на звучници од САД најави повлекување на рекламите од Фејсбук и други социјални платформи, меѓу нив и Инстаграм. Од Сонос оценуваат дека последните откритија отвориле прашања за тоа дали Фејсбук прави доволно за заштита на приватноста. Но сепак, фирмата нема целосно да го напушти Фејсбук.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Sonos
Др. Еткер се пишмани
Германската компанија за храна ги праша своите следбеници на Твитер дали да го избрише профилот на Фејсбук. „Ќе го избришеме нашиот Фејсбук профил за 1,000 ретвита“, соопштија тие на 21 март. Постот набрзо беше ретвитан 1,000 пати, и компанијата го избриша својот Фејсбук профил. Но, еден ден подоцна тој беше реактивиран, а компанијата на Твитер напиша дека „не може“ без Фејсбук.
Фотографија: Dr. Oetker
Одговорот на Фејсбук
Запрашани да ја коментираат најавата на фирми кои ја напуштаат социјалната мрежа, од Фејсбук велат: „Повеќето фирми со кои разговаравме се задоволни од чекорите кои ги најавивме за подобра заштита на личните податоци, и тие имаат доверба дека ќе одговориме на овие предизвици и ќе станеме подобри партнери и компанија“.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/T. Camus
7 фотографии1 | 7
Фејсбук најави во меѓувреме и заострување на правилата за политички реклами, застанувајќи првпат зад законскиот предлог кој социјалните мрежи ги обврзува на јавно објавување на идентитетот на давателот на политички реклами. Потегот доаѓа само неколку дена пред најавеното сослушување на шефот на Фејсбук, Марк Закерберг од страна на конгресмените во САД.
„Вмешувањето во избори е проблем поголем од секоја платформа, од таа причина, го поддржуваме предлог-законот“, изјави Закерберг. Законскиот текст беше подготвен во октомври лани и е насочен кон ограничување на влијанието од странство врз американската политика. Со него пратениците во Конгресот реагираат првенствено на обвинувањата за руско вмешување во американската претседателска кампања во 2016. година.
Кога Фејсбук уметноста ја претвора во порнографија
Познати сликарски дела, изложени во музеите, се погодени исто како и афирмирани знаменитости: Фејсбук повремено блокира фотографии со делумно чудни образложенија, за кратко потоа да се извини.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Rumpenhorst
Слобода го предводи народот
Жртва на интерните правила на Фејсбук беше дури и националната фигура на Француската Република: бидејќи жената која ја симболизира слободата на сликата на уметникот Ежен Делакроа е со разголени гради, Фејсбук избриша пост во кој беше уметничкото дело. Подоцна концернот се извини и го врати постот.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Потеклото на светот
Приказот на женски гениталии, масло на платно од уметникот Густав Курбе од 1866. година од своето настанување предизвикува контроверзи и со децении беше скриено од очите на јавноста. Во 2011. година еден учител го постира на Фејсбук, а по блокирањето на акаунтот, бараше надомест на штета и го тужеше Фејсбук за цензура. Судот во март годинава (2018) донесе одлука во полза на Фејсбук.
Венера од Вилендорф
Праисториската статуа „Венера од Вилендорф“, која често е трн во окото на „чуварите на моралот“, Фејсбук ја цензурираше како „опасна порнографија“, а потоа се извини. Фигурата со големина од 11 сантиметри, а стара околу 30.000 години, прикажува гола жена и е еден од најзначајните експонати во Природно-историскиот музеј во Виена.
Фотографија: picture-alliance/H.Fohringer
Нептун
Фејсбук не е строг само кон приказите на женските облини: на почетокот на 2017. една италијанска авторка сакала својата страница за историјата на Болоња да ја рекламира преку фотографија на тамошната статуа на Нептун, поставена на Пјаца Нептуно. Фејсбук реагираше - прикажувањето на содржини недозволени за лица под одредена старосна граница и на лица во двосмислени пози се коси со неговите правила.
Бронзената фигура на крајбрежното шеталиште во Копенхаген уште од 1913. година е симбол на љубовта. Поранешна данска министерка за земјоделство со фотографија од статуата сакала да привлече внимание на текст на својот блог. Фејсбук го избришал постот, со образложение, внимавајте! - фотографијата прикажува премногу гола кожа! Кај бронзена фигура! И по ова следеше извинување од концернот.