1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фејт: Полни раце работа за Косово

3 септември 2009

Специјалниот претставник на ЕУ за Косово, Питер Фејт, смета дека демократизацијата, помирувањето и владеењето на правото во најмладата балканска република и понатаму се примарни задачи.

Косово бележи напредок - Питер ФејтФотографија: picture-alliance/ dpa

Според зборовите на специјалниот претставник на ЕУ за Косово, Питер Фејт, развојот на ситуацијата на Косово бележи напредок, но и проблеми. Според мислењето на Фејт, Косово напреднало на многу полиња - формирани се важни институции, а се работи и на демократизацијата и децентрализацијата. И самата одлука на НАТО да го намали военото присуство на Косово говори за тоа дека безбедносната ситуација достигнала повисоко ниво на стабилност.

Сепак, Косово, но и меѓународната заедница, се` уште имаат полни раце работа: мора да се работи на процесот на помирување, како и на демократските процеси што би ја приближиле земјата до европските стандарди. Еден од првите големи тестови за Косово ќе бидат ноемвриските локални избори. Питер Фејт истакна дека српската заедница треба да ги гледа изборите како шанса за добивање поширока автономија во справувањето со сопствените проблеми, но и да не го доведува во прашање статусот на Косово:

Фејт очекува поголема соработка со Белград по регионалните прашањаФотографија: RIA Novosti

„Децентрализацијата на Косово мора да продолжи. Тоа е важен чин преку кој процесот на одлучување им се приближува на сите граѓани на Косово, а самата власт така се приближува до европските стандарди. Се надевам дека српската заедница ќе ја сфати и ќе ја искористи можноста што им ја пружа децентрализацијата. Се надевам дека сите заедници во Косово ќе излезат на изборите, како и дека Белград ќе го охрабри и поддржи овој процес“.

„Многу наскоро“ договор со Белград

Кога е соработката со Белград во прашање, специјалниот претставник на ЕУ на Косово уште еднаш ја истакна неопходноста од регионалната соработка во областите како борбата против организираниот криминал и корупцијата и додаде дека очекува наскоро да се постигне договор со Белград по ова прашање:

„Кога се работи за договор со министерството за внатрешни работи во Белград, мислам дека тука е направен значаен напредок. Сега бараме начин за постигнување конкретен договор, а јас се надевам дека наскоро ќе дојде до тоа. Очекувам овој технички договор да и` помогне и на мисијата на Еулекс во Србија во борбата против организираниот криминал и корупција.“

Дали Косово ја загрозува ЕУ?

На Косово има уште многу да се сработи, смета ФејтФотографија: picture-alliance/dpa

Токму прашањата кои се однесуваат на борбата против организираниот криминал и високиот степен на корупција на Косово, како и трговијата со дрога, бело робје и перењето пари на тие простори беа во центарот на вниманието на некои членови на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент. Таквата ситуација на Косово, според зборовите на некои европски пратеници, би можела да претставува и опасност за самата ЕУ.

Специјалниот претставник на ЕУ за Косово, Питер Фејт, заклучува дека на Косово има уште многу да се сработи, што ќе придонесе за благосостојбата на сите граѓани на Косово, како и сите земји-членки на ЕУ. Во таа смисла, клучните прашања се економската и социјалната стабилност, како и владеењето на правната држава.

Автор: Марина Максимовиќ / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми