1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фиат Крајслер и Пежо договорија фузија

СН/агенции
18 декември 2019

Автомобилските концерни Пежо и Фиат Крајслер се согласија за спојување вредно 50 милијарди американски долари. Фузијата треба да се заврши за 12 до 15 месеци, соопштија двете компании.

Fiat 500 und Peugeot 308
Фотографија: Imago Images/S. Geisler

По повеќенеделни преговори, извршните тела на двете автомобилски компании го одобрија планираното мега-спојување. Во заедничкото соопштение на концерните се вели дека францускиот автомобилски производител Пежо ПСА и италијанско-американскиот автоконцерн Фиат-Крајслер ФЦА потпишаа договор за фузија со што ќе биде формиран четвртиот најголем произведувач на автомобили во светот.

Заштеди од близу 4 милијарди евра

Двете страни на крајот на октомври се договорија да водат официјални разговори за спојување, предизвикувајќи мешаница во автомобилската индустрија. Спојувањето допрва треба да биде одобрено од надлежните органи за заштита на пазарната конкуренција.

Повеќе:

-Автомобилската индустрија стравува од катастрофа поради Брегзит

-Зелените автомобили се иднината

-Автоиндустријата пред дилема: трансформација или пропаст

Новинастанатиот автомобилски гигант со над 400.000 вработени треба да остварува промет од речиси 170 милијарди евра и годишна продажба од 8,7 милиони возила, под марките Фијат, Алфа Ромео, Крајслер, Цитроен, Доџ, Џип, Ланча, Масерати, Опел, Пежо и Воксол.

Како што се наведува во заедничкото соопштение новата компанија со синергијата ќе оствари заштеда од околу 3,7 милијарди евра, без затворање фабрики во рамки на оваа трансакција. Спојувањето на двете фирми треба да се заврши за 12 до 15 месеци, се наведува во соопштението.

Фузија во тешки времиња за браншата

Седиштето на новата компанија ќе биде во Холандија, но таа ќе котира на берзите во Париз, Милано и во Њујорк. Сегашниот претседател на ФЦА, Џон Еклан, наследник на семејството Ањели, ќе биде претседател на новиот управен одбор, додека Карлос Таварес ќе биде генерален директор на новоспоената група. Со спојувањето ќе бидат остварени заштеди поврзани со технологијата, производите и со платформите кои ќе претставуваат околу 40 насто од очекуваните заштеди од 3,7 милијарди евра, наведоа групите во соопштението. Како што се додава, заштедата ќе ѝ овозможи на новата групација да направи големи инвестиции во технологијата и во услугите кои се однесуваат на идната мобилност, соодветствувајќи на предизвикот пописи околу емисиите на јаглен диоксид.

Фузијата на двата автоконцерна се случува во период кога тие, но и целокупната автомобилска индуструја минува низ тешки времиња. Според последните статистики на Здружението за автоиндустрија на Европа (АЕЦА) од Брисел, бројот на нови, за првпат регистрирани автомобили во ЕУ од почетокот на годинава до крајот на октомври опаднал за 0,7 отсто во споредба со првите десет месеци во 2018 година.  Групацијата ПСА имала пазарен удел од 16,3 насто и 2.107.865 продадени автомобили, што е за нијанса помал отколку во минатата година, додека пак групацијата Фиат-Крајслер на пазарот на ЕУ за овие 10 месеци имаше удел од 6,1 отсто и 794.347 продадени автомобили, што е за 9,2 насто помалку отколку во истиот период во 2018 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми