Филипче: Критичниот период со коронавирусот е до 6 март
БГ /РТР
29 февруари 2020
Владата препорача да се откажат сите јавни собири и прослави во следните седум дена за да се избегне ризикот од пренесување на вирусот Ковид-19. СЗО го подигна ризикот на „многу висок“.
Реклама
Препораката за откажувањето на јавните собири се темели на пациентката заболена од коронавирус и на останатите кои се во изолација, изјави министерот за здравство во Венко Филипче во петокот во емисијата „360 степени“. Препораката важи до 6 март. Со оглед дека изборната кампања започнува на 23 март, прерано е да се знае дали би можело да дојде до ограничувања и на предизборните собири и настани.
Препораката ги погоди карневалот во Струмица и Прилеп кои се откажани, а натпреварот од ракометната Лига на шампионите меѓу Вардар и францускиот Монпелје ќе се игра без публика.
Светот се мобилизира
Препораки за откажување јавни собири и за патувања без издадени од повеќе држави во светот. Швајцарија до 15 март забрани собири на повеќе од илјада луѓе и го откажа саемот на автомобили во Женева. САД им препорачаа на своите граѓани да не патуваат во Италија, додека Германија откажа голем број меѓународни настани на своја територија и воведе дополнителни мерки за заштита на границите и аеродромите.
Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом соопшти дека ризикот од ширење и ефект на вирусот сега е подигнат на „многу висок“ на „глобално ниво“. Тедрос рече дека ширум светот се работи на развој на 20 вакцини, а неколку од нив се тестираат клинички.
„Првите резултати ги очекуваме за неколку недели“, рече Тедрос.
Упатства: Како да се заштитите од коронавирус
Луѓето ширум светот ставаат заштитни маски за дишење за да спречат вирусна инфекција. Сепак, други мерки се поефикасни. Еве неколку совети засновани на упатствата на СЗО.
Фотографија: Getty Images/X. Chu
Подобро од ништо
Не е докажано дека маските за лице можат ефикасно да ве заштитат од вирусни инфекции. Овие маски веројатно се во можност да фатат некои микроби пред да стигнат до устата или носот. Но уште поважно е тоа дека тие ги спречуваат луѓето да ги допираат устата или носот (што повеќето луѓе го прават инстинктивно). Ако веќе сте болни, таквите маски може да спречат да не заразувате други.
Фотографија: Getty Images/Stringer
Дезинфицирајте ги рацете
Во својот список на препораки како да се заштитите од зарази, Светската здравствена организација не споменува маски за лице. На врвот е често миењето на рацете. СЗО препорачува дезинфекциско средство за рацете на база на алкохол, како на фотографијата, кои најчесто ги гледаме во болниците
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Pilick
И сапун и вода ќе завршат работа
Поедноставното секојдневно решение се водата и сапунот, ако ги имате при рака. Но, проверете дали темелно ги миете рацете...
Фотографија: picture alliance/dpa/C. Klose
Кашлање и кивање - но направете го тоа правилно!
Еве што препорачуваат лекарите: Кога кашлате и кивате, покријте ја устата и носот со вашиот подигнат лакот. Или користете книжни марамчиња - но потоа веднаш фрлете го марамчето и измијте ги рацете. А кошулата или џемперот? Не, нив не мора да ги фрлите. Но, перете ги често или однесете ги на хемиско чистење.
Фотографија: Fotolia/Brenda Carson
Стојте подалеку!
Друга препорака која можеби не функционира за сите: Избегнувајте близок контакт со секој кој има треска и кашлица! Ако треба да имате контакт со болни луѓе, погрижете се да преземете дополнителни заштитни мерки.
Фотографија: picture alliance/empics
Имате треска? Одете на лекар, а не на патување!
Ако имате треска, кашлица и отежнато дишење, побарајте лекарска помош навреме. Избегнувајте јавни места за да не ги инфицирате другите. И, исто така, објаснете му на вашиот лекар каде претходно сте патувале.
Фотографија: Reuters/P. Mikheyev
Избегнувајте контакт!
При посета на сточни и зелени пазари во области во кои во моментот има случаи на новиот коронавирус, избегнувајте директен незаштитен контакт со живи животни. Тоа исто така вклучува какви било површини кои се во контакт со животни.
Фотографија: DW
Добро термички обработено - не сурово!
Варете,печете и пржете го месото темелно. Потребно е да се избегне конзумирање на сурови, недоволно термички обработени производи од животинско потекло. Со суровото месо, млекото или животинските органи треба да се постапува внимателно за да се избегне инфицирање од термички необработена храна. Овие се добри практики за безбедност на храната и помагаат да се спречи ширењето на болести.