1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ќе се намалат ли цените за лекување на приватно?

ДТЗ
7 април 2021

Клиниката „Жан Митрев“ размислува да ги намали цените за лекување од Ковид-19, додека за „Систина“ тоа е е економски неисплатливо, вели министерот за здравство.

Nord-Mazedonien | Coronavirus | Pressebilder Kabinett des Präsidenten | Venko Filipce
Фотографија: Kabinett des Präsidenten von Nord-Mazedonien

Клиниката „Жан Митрев“ размислува да ги намали цените за лекување на болните од Ковид-19, додека „Систина“ не се откажува од својот ценовник, бидејќи ѝ е економски неисплатливо. Ова е епилогот од разговорите меѓу министерот за здравство, Венко Филипче со приватните болници, од кои расте притисокот во јавноста да ги намалат цените и да ги направат подостапни нивните услуги за лекување на пациенти кои се борат со опасниот вирус.

„Иако апелирав тоа да се направи затоа што е криза, затоа што е пандемија, доктор Жан Митрев изрази спремност и рече дека денеска ќе потврди дали ќе ги намали цените за одреден процент, а од ’Систина‘ јасно ни кажаа дека тоа не може да го направат поради тоа што немале економска логика“, изјави Филипче. Според министерот, државата формално правно нема механизам да влијае.

-повеќе на темата: Трка за болнички кревет повеќе

Сепак, приватните болници се подготвени да помогнат со кадар. Најавите се дека осум лекари од овие приватни установи од утре ќе се вклучат во системот на ротација на државните клиники во Скопје. „Тоа се 5 лекари од ’Систина‘, 2 од ’Ремедика‘ и веројатно 1 од ’Жан Митрев‘, иако првичната најава беше дека голем број од здравствениот кадар е на боледување. Оваа бројка на лекари специјалисти ќе биде во истиот систем на ротација во рамки на клиниките во Скопје“, информираше министерот.

Во однос на високите трошоци за лекови и за пациентите што се на домашно лекување, министерот вели дека може да се интервенира само за оние лекови што се на позитивната листа, па најави такво нешто за „хепаринот“. „Ние можеме да интервенираме во делот на тоа што ни нуди законот, а тоа е интервенција во цената, ревизија на сите лекови кои се на позитивната листа. Тие што се купуваат на приватно навистина немаме механизам како да ги контролираме. Во таа смисла, веќе се покрена конкретно прашањето за замената на ‘хепаринот’ и мислам дека тука ќе најдеме некое решение со Фондот“, вели Филипче.

-повеќе на темата: Сведоштво на медицинска сестра: „Мора да преживееш за синот!“

По повод Светскиот ден на здравјето кој се одбележува денеска, Хелсиншкиот комитет за човекови права ја реафирмира реакцијата од стотина организации од ноември 2020 година, со која се бара ставање крај на профитерството на приватните здравствени установи во време на пандемија и се бара воспоставување на регулатива за плаќање според ценовникот на Фондот за здравствено осигурување. Хелсиншки, исто така, ја повика Владата во најбрз можен рок да преземе мерки за регулирање на работењето на приватните болници, со тоа што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од Ковид-19 само на оние кои склучиле договор со ФЗО.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми