Поради стабилизирање на епидемиолошката состојба, министерот за здравство Венко Филипче најавува олабавување на мерките за Ковид-19.
Реклама
Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во Северна Македонија се подобрува, но рано е за олабавување на сите рестриктивни мерки. Заштитните маски и понатаму ќе мора да се носат, а рано е и за одржување на свадби и организирање на концерти. Министерот за здравство, Венко Филипче најави дека неделава ќе има и состанок со претставниците на организаторите на настани. Засега дозволено е да се одржуваат настани како состаноци, едукативни курсеви и слично.
„Не се дозволени концертите и свадбите, затоа што стравуваме дека може да се намали дистанцата меѓу луѓето кои се присутни. И затоа постепено одиме кон ублажување на мерките. Ако продолжат трендовите ќе бидат дозволени и концертите“, рече Филипче.
На прашањето дали може да се препорача луѓето кои се целосно вакцинирани да немаат задолжение да носат маски, Филипче рече дека таа мерка треба и понатаму да се почитува. „Бевме сведоци дека голем број на граѓани маските не ги носат за време на викендот. Сè уште е рано да ја симнеме таа одлука. Веројатно ќе дојде до поништување на мерката, но сега е рано да се каже кога ќе кажеме да не се носат маските. Засега е рано, тоа ќе биде нешто следно за што ќе разговараме“, вели министерот.
Поради стабилизирање на епидемиолошката состојба со Ковид-19 во земјата, Комисијата за разни болести предлага намалување на рестриктивните мерки во Северна Македонија. Министерот за здравство, Венко Филипче информира дека го Главниот кооординативен кризен штаб предложил полицискиот час да трае од полноќ до пет наутро, кафеаните на отворено да работат до 23.30 часот, како и да се отворат фитнес центрите и теретаните.
Со новите мерки ќе се доволи и организирање на настани на отворено и затворено со почитување на протоколите од 2020 година, односно со присуство на 30 % од целосниот капацитет. Капацитетот на градинките се зголемува од 15 на 20 деца во групи.
Како коронавирусот го промени животот
Пандемијата на коронавирусот го промени од корен начинот на живот на каков што луѓето беа навикнати.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Ставете маска
И покрај тоа што македонските здравствени власти постојано предупредуваат дека носењето маска е важно за превенција од пандемијата на коронавирус, дел од луѓето сѐ уште се противат на носење маски. За неносење маски казната за граѓаните е 20 евра, за правните лица – 2000 евра. Затоа влезовите на продавниците од почетокот на пандемијата се „украсени“ и со вакви предупредувања.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Рестрикции и на отворено
Во С. Македонија маски мора да се носат и на отворено, а забрането е и групирање на јавен простор на повеќе од 4 лица по 21 часот. Не се групирајте, е апел кој постојано се повторува од страна на надлежните. Резултатите се половични – покрај дисцплинираните, сѐ уште има луѓе кои се групираат и не преземаат превентивни мерки. Оваа празна клупа трпеливо чека на крај на пандемијата и рестрикциите.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Здравствена криза, економска криза
Угостителските објекти работат со ограничено работно време – само до 21 часот. Исклучок се оние со сервис за испорака. Празните ресторани и кафулиња ја отсликуваат новата реалност што ја создаде пандемијата на Ковид-19. Многу фирми, посебно малите, се плашат од пропаѓање. Ќе им бидат ли доволни средствата за помош од државата?
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Каде се другарите?
Околу 90% од учениците следат онлајн-настава, а без проблеми се одвива и наставата со физичко присуство, тврди министерката за образование Мила Царовска. Пандемијата ја забрза дигитализацијата на образованието. Но, привремено го запре нормалниот детски живот. Како актуелното намалување на социјалните контакти влијае врз детскиот развој ќе биде веројатно предмет на многу истражувања во иднина.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Помала осаменост со домашно милениче
Домашните миленици, во време на затворање дома, можат да бидат добар чувар од психолошкиот стрес што со себе го носи пандемијата. Според студија на универзитетите Јорк и Линколн, 90% од испитаниците сметаат дека домашното милениче им помогнало во емоционалното справување со „локдаунот“, а дури 96% се уверени дека со помош на домашното милениче останале во добра физичка кондиција.
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
Сѐ за здравје
Од почетокот на пандемијата на Ковид-19, во пораст е побарувачката по витамини и сѐ што може да придонесе за зајакнување на имунитетот. Конзумирањето суплементи стана секојдневна рутина на многумина. Притоа, голем дел од она што го препорачуваат лекарите, не го покрива Здравствениот фонд, туку е приватен трошок. Лекувањето чини пари, превенцијата исто така. Но, сѐ за здравје!
Фотографија: Aleksandra Najdovska/DW
6 фотографии1 | 6
Здравствените работници ќе може да ги искористат старите и да земат нови годишни одмори.
Новите мерки би важеле од 12 до 18 мај, а се донесени на предлог на Комисијата за заразни болести врз основа на епидемиолошката состојба, намалувањето на бројот на хоспитализирани и бројот на заразени лица. Предлог-мерките се очекува да бидат усвоени на утрешната владина седница.