1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче најави постепено враќање во нормала

БГ
12 мај 2020

Веќе неделава ќе почне олабавување на мерките за одредени дејности, од следната ќе проработат и угостителските објекти, а за две недели се планира отворање и на хотелите. Во следните два месеци се очекува стабилизација.

Nord-Mazedonien: Venko Filipce, Gesundheitsminister
Фотографија: Regierung Nordmazedonien

Животот во Северна Македонија полека ќе се враќа во нормала, најави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Најавувајќи ги чекорите по кои ќе се одвива нормализацијата, Филипче оцени дека во наредните месеци се очекува стабилизација на ширењето на коронавирусот.

„Согласно сегашната состојба, во следните два месеци очекуваме значајно намалување на ширење на вирусот“, рече Филипче.

„Индикациите се следните: најсилно изразени посткарантински ефекти, затворените граници и неможноста да имаме импортирани случаи. Вакви епидемии траат меѓу 8 и 12 недели, а ние сме во 11 недела. Очекуваме и високите температури да помогнат за ослабнување на вирусот и намалување на преносот“, рече министерот објаснувајќи дека ваквите проценки се темелат врз анализи на експертите во земјата, но и во светот. 

- повеќе на темата: Ангели и во време на пандемија

Бројот на тестови е намален поради намалениот број на пациенти со симптоми. Филипче ги отфрла како шпекулации тврдењата дека министерството намерно го намалува бројот на дневните тестови. Досега се оздравени 72% од сите дијагностицирани случаи на коронавирус, а остануваат 377 активни случаи.

Предлогот на Комисијата за заразни болести за олабавување на рестриктивните мерки кој денеска и е доставен на владата предвидува веќе оваа недела да се отворат центри за едукација, обука и семинари, автошколите и испитните центри, да се дозволат индивидуални спортски тренинзи на отворено, а ќе бидат отворени и затворените трговски центри (молови) без угостителска дејност.

Држи дистанца!

01:47

This browser does not support the video element.

Полицискиот час веројатно и неделава ќе остане со истиот опфат како последниве денови. Филипче тврди дека токму полицискиот час најмногу придонел за контрола на епидемијата и засега тој нема да се укинува. 

Доколку анализите покажат дека ефектите од олеснувањето на мерките не предизвикуваат нови проблеми, веќе од следната недела ќе се препорача отворање на угостителски објекти со послужување. За две недели се предвидува да се отворат и објектите кои нудат игри на среќа, да се дозволат тренинзи во затворени објекти и во теретани и да се отворат и хотелите.

Комисијата за заразни болести, според Филипче, се раководела од препораките на Светската здравствена организација при донесувањето на одлуката за олабавување на мерките. Трите клучни критериуми кои се исполнети се нискиот репродуктивен број, капацитетот на здравствениот систем да се справува со кризата и откривањето на случаите.

„Основната индикација дали епидемијата е под контрола е репродуктивниот број (R0), кај нас подолг период тој број е меѓу 0,6 и 0,9“, рече Филипче. Според него, државата ги исполнува и преостанатите два клучни параметри, со самото тоа што здравствениот систем не е преоптоварен, и над 80 проценти од случаите откриени во земјата имаат епидемиолошка поврзаност. 
„Состојбата во земјата е стабилна“, рече Филипче.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми