1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Филипче: 14-дневна изолација за патници од Велика Британија

21 декември 2020

Ова е препораката што Комисијата за заразни болести ќе ја достави до Владата, вели македонскиот министер за здравство.

Venko Filipce
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Комисијата за заразни болести утрово ја разгледувала заканата од новиот сој на корона вирусот кој е регистриран во Велика Британија, а се појавил и во Холандија, Данска и Австралија, но според последните податоци и во Италија и Јужна Африка. 

„Утрово имавме состанок. Препорака на Комисијата за заразни болести е сите патници кои доаѓаат од Велика Британија да бидат упатени на задолжителен карантин од 14 дена“, изјави за ДВ министерот за здравство, Венко Филипче.

Засега не се размислува за суспензија на летовите од, и до островот.

Ако Владата денеска ја усвои препораката на Комисијата за заразни болести, тогаш во 14 дневен карантин први ќе заминат патниците кои утре напладне ќе пристигнат од Лондон на скопскиот аеродром. До трети јануари во Скопје треба да има уште два лета од Лондон.

Фотографија: Nicolas Economou/NurPhoto/picture alliance

Суспендирани летови

VUI-202012/01 (Variant Under Investigation, year 2020, month 12, variant 01) е името што научниците го дадоа на новата мутација на коронавирусот Сарс-КоВ-2, кој од вчера предизвика континуиран бран на затворање на границите во Европа за воздушните врски со Велика Британија. Тој е причината поради која најмалку 16 милиони луѓе во Југоисточна Англија, вклучувајќи го и Лондон, се во карантин.

Повеќе:

-Европа се изолира од Велика Британија поради новата варијанта на коронавирусот

-Мутираната верзија на коронавирусот не е причина за паника

Во земјава засега нема промена на авио-линиите со Британија и државите каде се регистрирани случаи заболени од новиот сој на коронависурусот.

Неколку европски земји веќе ги откажаа сообраќајните врски со островот со различно време на времетраење на мерката, а други најавуваат исти мерки. Денеска во Брисел се очекува да се одржи состанок на амбасадорите на земјите члени на ЕУ, на кој ќе се разговара за новата ситација и забраните за патнички и транспортен сообраќај, кои веќе предизвикаа хаос на британските аеродроми.

Во соседна Бугарија забраната за летови важи од полноќ во изминатата ноќ, до 31 јануари 2021 година. Последниот авион од Лондон слетал во Софија три часа пред полноќ, а исклучок по полноќ бил направен за две слетувања во Пловдив и Варна, бидејќи бугарски граѓани веќе биле на аеродромите во Британија и било тешко летовите да се одложат. Претходно Софија одлучи да воведе 10-дневен карантин за сите лица кои од островот влегуваат на територијата на Бугарија и на таа мерка веќе се упатени 667 патници кои до вчера стигнале од Британија.

Фотографија: Wolter/imago images

Умерено сигурни проценки

Дали новиот сој на вирусот навистина се шири многу побрзо, дали е попасен и посмртоносен? Одговори на овие прашања се уште нема. Како што објавуваат британски медиуми, во документ објавен од владината советодавна група за новопојавени респираторно- вирусни закани (NERVTAG), било констатирано дека „засега нема доволно податоци за да се донесат заклучоци“ за неколку прашања: дали новиот сој на вирусот има механизам за зголемена трансмисија; каква е фреквенцијата на неговата репродукција; како се распределуваат новите случаи по возрасни групи; дали е посмртоносен; дали мутацијата го штити коронавирусот од антитела на човечкиот имунолошки систем; и дали е можна повторна инфекција со новиот сој?

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека според сегашните проценки на епидемиолозите новиот сој на вирусот се шири околу 70% побрзо. Според британски медиуми, проценките на здравствените експерти во ово момент се сметаат се „умерено сигурни“. Повеќе одговори од NERVTAG најавиле за наредните денови, откако ќе соберат подобри податоци за споредби на индивидуалните индикатори, а ќе се проверува и дали тестовите можат да ја детектираат мутацијата.

„Досега добиените податоци се во согласност со разбирањето дека новиот сој е позаразен или може да се шири поефективно, но немаме лабораториска потврда за ова, или каква било идеја зошто се шири побрзо. Новиот сој на вирусот беше поврзан со 10% до 15% од случаите во одредени области пред неколку недели, но минатата недела скокна на приближно 60% од случаите во Лондон“, изјавил Стјуарт Нил, професор по вирусологија на Кралскиот колеџ во Лондон, цитиран од „Гардијан“.

Повеќе одговори се очекуваат околу Нова година или во првите денови од јануари. Во Британија сметаат дека добрата вест засега е што вакцинирањето на населението е во тек, а училиштата се на распуст.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми