Филтери за прочистување на вода
7 ноември 2011
Речиси една милијарда луѓе ширум светот немаат пристап до чиста вода за пиење. Драматична е ситуацијата на пример во селата во северен Перу. Но, тоа е така во речиси сите земји во Латинска Америка. Поголемиот број од жителите немаат речиси никаков пристап до чиста вода за пиење. А, притоа има толку едноставни решенија кои можат да ги исфилтрираат нечистотиите од водата за да може да се пие. Еден ваков систем за прочистување конструираа двајца електротехничари од Касел. Од докторска работа на Александер Голдмајер и Флориан Бенц се роди идејата за конструирање системи за филтрирање вода. Пронајдокот е мобилен, релативно мал и може да го собере нормална транспортна кутија, а што е најважно работи на соларна енергија.
„Водата од реките, мочуриштата, бунарите, езерата или, пак, од некои други извори на слатка вода се пумпа и се филтрира. Потоа, од самата вода преку процес на електролиза се генерира хлор и на крајот прочистената вода истекува во резервоарите за вода“, објаснува Александер Голдмајер, раководител на фирмата „Аутаркон“.
Лесни за одржување
Двајцата Германци работеа заедно со бразилски научници и го развија системот за филтер за вода. Имено, бразилските научници точно знаат што е потребно во земји како Бразил или Перу. Така во 2003 година во северниот дел на Перу беше изградена првата пилот-постројка за пречистување на вода. Втората беше изградена во областите на тропската шума Амазон. Во околните села дневно се прочистуваат дури и до 900 литри чиста вода за пиење.
„Постројката за прочистување на водата е од особена важност за регионите со слаба инфраструктура во кои најчесто нема технички персонал, струја и чиста вода за пиење. Пречистителната станица е многу лесна за одржување и за неа може да се грижи секој. На тој начин населението е снабдено со чиста и сигурна вода за пиење“, објаснува Александер Голдмајер.
Од нечиста до вода за пиење
Пред да се собере водата во резервоарите за пиење мора да се направи уште еден тест. Се’ едно дали во лето или зима Александер Голдмајер сака да биде сигурен дека апаратот за прочистување функционира без никакви проблеми. Фирмата „Аутаркон“ до сега продаваше филтери за вода во Гамбија, Гана, Пакистан и Бразил. Но, пронаоѓачот на овој филтер се надева дека ќе најде муштерии и во други земји.
„Имаме некои побарувања од Индија, бидејќи земјата во моментов интензивно инвестира во инфраструктурата. Затоа се надеваме дека ќе можеме да се пласираме и на овој пазар“, вели Александер.
Филтерот овозможува од секоја нечиста вода да се добие чиста вода за пиење. Пронајдокот чини 11.000 евра. Цена, што можеби можат да си ја приуштат голем број села ширум светот.
Автор: Мирја Хелшер / Светлана Брик
Редактор: Горан Чутаноски