1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финансирање на партиите: Кротко јагне од две мајки цица!

14 август 2018

Практиката на тајно договарање финални решенија мора да се смени, реагираат граѓански организации, со повеќе забелешки за измените на Законот за финансирање на партиите во Македонија.

Mazedonien Parlament in Skopje | Namensstreit mit Griechenland
Фотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/B. Ademi

Измените на Законот за финансирање на политички партии и на Изборниот законик кои беа усвоени во Собранието без дебата, врз основа на меѓупартиски договор, собраа голем број критики околу дел од усвоените решенија. Со измените се скрати висината на донациите, а се зголемија средствата што партиите ќе ги добиваат од буџетот. Дел аналитичари веќе предупредија дека ваквото решение не гарантира целосно дека ќе се намали можноста од корупција, доколку изостане ефикасен систем на контрола.

Со свои забелешки, преку „јавна реакција“ вчера се огласија и седум граѓански организации (Институт за демократија Социетас Цивилис Скопје, Центар за економски анализи, Хелсиншки комитет за човекови права, ФООМ, Еуротинк, ЗНМ и Институтот за европска политика-Скопје) кои учествуваа во подготовката на документот „Блупринт- Предлог за итни демократски реформи“. Според нив, усогласувањето на законските решенија е направено на нетранспарентен начин, кој не ги опфатил сите страни кои имаат надлежност или се засегнати од оваа област.

„Јавноста и законодавецот не можат да се стават пред свршен чин со готов текст кој се усвојува по скратена постапка, а чија содржина претходно никому не му била позната. Практиката на тајно договарање и потоа презентирање на финални решенија мора да се смени, бидејќи не гарантира дека се избира најдоброто решение“, реагираат од овие организации.

За да се спречат злоупотребите и да се унапреди финансирањето на политичките партии, тие посочуваат дека законските решенија мора да се донесат во спрега со останати закони кои им даваат надлежности на Државната комисија за спречување на корупцијата, Јавното обвинителство, Финансиската полиција, но и да се дорегулира утврдувањето на потеклото на поединечните донации, кое сега е само обврска на партиите.

Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Донациите не се забранети!

Со измените на Законот за финансирање на политичките партии, наместо досегашаните 1,8 милиони евра, тие од Буџетот ќе добиваат 4,5 милиони евра. Со образложение дека целта е да се спречат корупцијата и сомнителните донации, донациите не се забрануваат, туку вредоста на донираните средства се намалува за 2,5 пати.

Иако било наведено дека законското решение црпи легитимитет од препораките на дадени во документот „Блупринт- предлог за итни демократски реформи“, организациите реагираат дека нивните препораки се само селективно употребени во законот. Тие предлагале „финансирање исклучиво од јавни средства, и забрана за приватни донации".

„Сега Законот го зголемува само првото, додека ги намалува износите што секој поединец може да ги уплаќа на годишно ниво, што не е исто со забрана за приватни донации. Министерството за правда, препорача ограничување на вкупниот износ на донации, не само на поединечните, нешто што исто така не е земено предвид“, велат во јавната реакција.

Притоа укажуваат дека нема основа партиите да располагаат со недвижен и движен имот кој не е поврзан со нивната примарна дејност, како на пример земјоделско земјиште. Ако целта била да се регулира земјиштето под партиските простории, тоа требало и експлицитно да биде наведено и да не остава простор за дополнителни злоупотреби. Реагираат и што во законот стои само дека ќе има финансиски импликации, но не и колкави се тие.

„Граѓаните и законодавците треба да се информирани околу одлуките кои ги носат, бидејќи трошоците ги сносиме сите. Овие законски решенија само ги зголемуваат финансиските средства за партиите кои ги обезбедуваат граѓаните, како и начините на кои партиите можат да обезбедат повеќе приходи. Тие не ги спречуваат злоупотребите, туку само индиректно ги намалуваат ризиците од злоупотреби, што може, но не мора, да ги реши проблемите“, се вели во јавната реакција.
Проблемот е во тоа што со неукинување и неограничување на поединечните донации само се намалува прагот на донирање, но вкупниот износ не се ограничува. Според финансиските извештаи на партиите, и во претходниот период индивидуалните донации не биле повисоки од прагот кој сега се воведува.

Што да се направи?

Овие законски решенија во јавноста веќе се толкуваат во стилот на народната поговорка: „Кротко јагне од две мајки цица“, со оглед дека партиите се договорија како да добиваат повеќе средства од буџетот, а да не се откажат и од донации. Седумте организации во јавната реакција сметаат дека се нужни измени на Законот. Тие предлагаат ограничување на вкупниот износ на средства што може да се добијат од поединечни донации; воведување на подобрен механизам за задолжителна проверка на потеклото на средствата за секоја донација; Да се прецизира дека под земјиште како недвижен имот со кој располагаат партиите се однесува на она на кое се наоѓаат партиските објекти; и задолжителна обврска на сите предлагачи на закон, вклучително и на амандмани, да биде подготвување на проценка на влијанието на регулативата која сакаат да ја донесат.

Според сегашното решение, Државниот завод за ревизија ќе биде надлежен за надзорот на финансиско-материјалното работење на политичките партии и тој ќе се врши една годишно. Сметката за финансиско работење партиите треба да ја достават на три адреси: Управата за јавни приходи, Централниот регистер и Државниот завод за ревизија, а истата ќе мора да ја објават и на партиската веб-страница. Партиите може да имаат само една жиро-сметка, а нивните локални ограноци и партиско истражувачко-аналитички центар можат да имаат и потсметки, но во случај на постоење на истите тие се должни да доставуваат консолидирани, збирни финансиски извештаи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми