1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финиш на изборната кампања во Албанија

29 јуни 2005

В недела се бира нов состав на парламентот, во кој мнозинството веќе два мандата го имаше Социјалистичката партија на Фатос Нано. Најновите анкети на јавното мнение меѓутоа покажуваат дека социјалистите губат на рејтингот, а опозиционите демократи добиваат, така што експертите очекуваат тесна борба.

Двајцата главни соперници: Фатос Нано и Сали Бериша
Двајцата главни соперници: Фатос Нано и Сали БеришаФотографија: AP

Албанските политичари очигледно ја откриле моќта на електронските медиуми. Пропагандните кампањи станаа попрофесионални и ги заменија уличните тиради од минатото.

Пораката на владеачката партија гласи: „Албанија се развива со нас, бирајте ја социјалистичката партија„. Додека опозицијата контрира: „Време е за промена„ , алудирајќи на двата последователни мандата на социјалистите.

Притисокот врз владеачката партија е навистина голем: во Албанија владее висока стапка на невработеност, а корупцијата е многу раширена. Опозиционите Демократи меѓутоа носат тешко бреме на минатото: под нивна власт дојде до слом на пирамидалните штедилници, што доведе до такви нереди, што во земјата беше воведена вонредна состојба.

Актуелниот однос на сили на политичката сцена, според аналитичарот Хенри Чили, изгледа вака:

„Мислам дека кај социјалистичката партија се насобраа сериозни проблеми. По осум години на власт нејзината политика делува истрошено. Покрај тоа има внатрепартиски борби и ривалства. Од таа точка гледано, опозиционите демократи се во предност на овие избори. Опозицијата се обидува да се регенерира.„

Социјалистите меѓутоа се сигурни оти ќе го добијат неопходниот број гласови и за трет мандат:

„Мислам оти социјалистичката партија на 3. јули ќе добие налог од бирачите за уште 4 години владеење. Ние сторивме се‘ во нашата моќ, како политички, така и организациски, за социјалистичката партија да биде повторно избрана. Нашата актуелна стратегија се потпира врз исполнетите изборни ветувања од претходните два мандата„ – појаснува генералниот секретар на партијата Грамоз Ручи.

Третиот играч во трката е „Социјалистичкото движење за интеграција„ на поранешниот премиер Илир Мета. Оваа партија е составена од отпадници од Социјалистичката и беше основана по внатрепартиските конфликти во 2004-та. Според анкетите таа би можела да се етаблира како трета политичка сила во Албанија:

„Социјалистичкото движење за интеграција влегува во изборите како јака политичка сила. Тие би можеле да ги загрозат Социјалистите во барем 20 изборни круга. Сметам дека нема да дојде до коалиција меѓу нив и социјалистите, бидејќи Илир Мета за прв пат излегува пред бирачите и сака да се профилира како независна политичка сила. Доколку би се определил за изборна коалиција со Социјалистичката партија, тоа би го исфрлило од трката„ – смета аналитичарот Хенри Чили.

Изборниот систем во Албанија беше реформиран пред овие избори и тоа по долго натегање меѓу владината партија и опозицијата. Меѓународните набљудувачи во тоа гледаат напредок, но се‘ уште не се до крај задоволни. Од северот на Албанија пристигаат информации дека имало притисоци и закани за активистите како на социјалистите, така и на демократите. Затоа Јорген Грунет, шефот на Канцеларијата за демократски институции и човекови права потсетува:

„Европската комисија и високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Хавиер Солана јасно ставија до знаење оти исполнувањето на меѓународните демократски стандарди на овие избори е предуслов за напредување на преговорите околу договорот за асоцијација.„

Овие избори навистина можат од повеќе аспекти да бидат најважни од демократскиот пресврт пред 15 години.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми