1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска страда од руските санкции

Карл Харенброк / Александар Методијев26 септември 2014

Финското пристаниште „Котка“ се наоѓа во близина на руската граница. Многу увозни и извозни бизниси се одвиваат тука. Со почетокот на украинската криза прометот со стоки е занчително намален.

Фотографија: DW

Во финското пристаниште „Хамина Котка“ годинава е извршен претовар на околу 350.000 контејнери. Томи Сиверс, менаџер на пристаништето, е задолжен се’ да се одвива без потешкотии. Од пристаништето до руската граница има само 30 километри. Бизнисот со Русија, кој сочинува околу петина од прометот со контејнери, предизвикува големи грижи, оти е значително намален од почетокот на украинската криза.

„Тоа за нас е многу голема можност. Нашиот главен обрт и натаму е од финскиот извоз. Но, порастот што сакаме да го имаме доаѓа од бизнисот со Русија“, вели Томи Сиверс, менаџер на пристаништето „Хамина Котка“.

За западните извозници Котка е погодна оти се работи според норми на ЕУ и, за разлика од многу руски пристаништа, без корупција. Во контејнерите доминираат продукти за потрошувачка, но и машини за Русија. Претоварот е намален за 20 проценти и натамошно опаѓа. Менаџерите во пристаништето сметаат дека руските претпријатија веќе немаат пари за инвестиции, а ни граѓаните за купување увозни стоки.

Карго брод во пристаништето „Хамина Котка“Фотографија: dapd

„Рубљата за една година загуби 20 проценти од вредноста во однос на еврото. А ни руските граѓани веќе не трошат толку многу пари за стоки за потрошувачка“, вели Кауко Саарела, директор за продажба во фирмата „Стевеко“.

Илјадници нови возила од Азија и ЕУ чекаат на испорака откако ќе биде најден купувач во Русија. Така се штеди оти руските увозни царини се екстремно високи, а Финците заработуваат од паркингот. Точни бројки нема, но овде падот можеби е и до 30 проценти. Томи Сиверс се надева дека нема целосно да биде забранет увозот на западни автомобили.

„Ова навистина е хорор-сценарио. Се надевам дека тоа нема да се случи. Евентуално ќе има неколку рестрикции, ама не и целосно ембарго за увоз“, вели Томи Зиверс, менаџер на пристаништето „Хамина Котка“.

Опаѓањето на бизнисот со Русија може наскоро да се одрази и на обемот на претовар во германските пристаништа Хамбург и Бремерхафен. Зашто, многу контејнери кои овде, на Балтичкото Море, се товарат на бродови, доаѓаат од земји на ЕУ или Азија транзитно преку германските пристаништа на Северното Море.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми