1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финска ќе има нов премиер - Александер Стуб

Александар Методијев/ројтерс/афп/миа14 јуни 2014

Александер Стуб, финскиот министер за европски прашања и за трговија, ќе стане новиот премиер на Финска, откако победи во денешниот избор за прв човек на владејачката конзервативна партија.

Фотографија: Reuters/Jussi Nukari/Lehtikuva

Стуб освои 500 гласови од финските конзервативци, а за неговата противкандидатка - Паула Рисико, која е министер за здравство и социјални работи, гласаа 349 делегати.

Александер Стуб сака да ги скрати даноците и да ја однесе неговата неутрална земја во НАТО. Таквите политики ќе може да ги спроведува откако ќе седне во премиерската фотелја – тоа би било можно најрано в четврток. Со тоа Стуб ќе застане на чело на владината коалиција составена од пет партии, откако премиерот Јурки Катаинен се повлече од премиерската позиција и од шефовското место во Национална коалициска партија. Стуб има 46 години, се има школувано во Велика Британија и САД и зборува повеќе јазици. Тој по изборот за партиски лидер соопшти што ќе му биде приоритет.

„Треба да целиме кон максимизирање на националната безбедност на Финска и да бидеме дел од носењето одлуки, а тоа на најдобар начин се случува како член на НАТО“, изјави Стуб. „Сосема е јасно дека треба да имаме сеопфатна дебата за тоа“, изјави Стуб. Тој сепак одби да одговори дали би поддржал одржување на референдум за членство во НАТО.

Членство во НАТО и спасување на економијата - тоа се темите кои ќе бидат во фокусот на Александер СтубФотографија: picture alliance/Photoshot

Стуб долги години, а посебно по избивањето на украинската криза, се залага за членство на Финска во НАТО. Но, анкетите на јавното мислење покажуваат дека само петтина од 5,5 милионското население се согласуваат со него. Земјата има граница долга 1.300 километри со Русија, која силно се противи на ширење на НАТО алијансата.

Во владината програма на актуелната влада стои дека Финска нема да бара членство во НАТО за време на нејзиниот мандат, но Стуб аргументира дека политичарите имаат одговорност да го обликуваат јавното мислење и сака ваквата владина позиција да се промени за време на следниот парламентарен состав. Во Финска треба да се одржат парламентарни избори во април 2015 година.

Освен членството во НАТО, тема со која Стуб ќе мора сериозно да се зафати е и економијата во земјата, која е заглавена во рецесија. Финска има осум последователни квартали во пад и стагнација на БДП, со што земјата се наоѓа во најдолгата рецесија во последниве 20 години. Јавниот долг изнесуваше под 50 проценти од БДП во 2011 година, кога функцијата премиер ја презема Јурки Катаинен, а оваа година тој долг би требало да го надмине лимитот на ЕУ од 60 проценти. Со тоа кредитниот рејтинг на Финска од тројно А би бил доведен во прашање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми