1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како големите банки да се изведат пред лицето на правдата?

Инза Вреде | Сабине Кинкарц
22 септември 2020

Државите со години заостануваат во борбата против перењето пари. Ова е докажано со истражувањето на досиејата на ФинЦЕН. И во Германија надзорните органи потфрлаат. Како е можно тоа и што треба да се промени?

Dunkle Regenwolken hängen über der Skyline von Frankfurt am Main
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. May

Мафиjaши, деспоти, корумпирани олигарси, измамници - долг е списокот на криминалци кои секојдневно инјектираат големи суми пари  во легалните економски текови. Обединетите нации проценуваат дека станува збор за околу 5,5 милијарди долари на ден. Потребни се помагачи за ова: големи, меѓународни банки кои ги извршуваат трансферите, дури и ако тие се законски обврзани да ја пријават секоја сомнителна трансакција кај властите во рок од 30 дена.

Истражувањата на Меѓународната мрежа на новинари ИЦИЈ покажуваат колку таквите зделки се одвивале сосема нормално во последниве години. Тие исто така покажуваат дека банките само колебливо поднесувале пријави, а во некои случаи дури по половина година или уште подоцна.

Преголем залак за властите

Дојче банк очигледно била особено голем играч во ваквиот бизнисот. Претседателот на германската Социјалдемократска партија (СПД), Норберт Валтер-Борјанс, сега итно бара повеќе овластувања и построги казни. „Потребно ни е кривичен законик за претпријатија кој ќе ги казнува не само поединците вработени, туку и банките-сторители во случај на повреда на правото во целина - вклучително и одземање на лиценцата“, изјави Валтер-Борјанс. 

Но, проблемот не е само кај банките. И надзорните органи не оддаваат добра слика во скандалот што сега е откриен. Доларот игра голема улога во глобалнот платен промет. Доколку во игра е американска валута, сомнителните случаи за перење пари мора да се пријават на Мрежата за борба против финансиски криминал или ФинЦЕН во САД. Ова е многу важен орган, нагласува Маркус Мајнцер од Мрежата за даночна правда, бидејќи ФинЦЕН не  го контролира само американскиот пазар, туку и целокупниот глобален платен промет во американски долари.

Премалку меѓународна соработка

Само во 2019 година, во ФинЦЕН се пријавени два милиони сомнителни случаи и нив ги проверуваат околу 300 вработени. Само нумеричките пропорции сугерираат дека деталната проверка не е секогаш можна. Доколку се погодени други земји или странски компании, сомнителните случаи исто така треба да бидат пријавени кај тамошните власти.

Повеќе:

-Дојче банк во вртлог

-ФинЦЕН: На трагата на валканите пари и потфрлањето на банките

Во Германија тоа е Единицата за финансиско разузнавање (ФИУ), која и припаѓа на царината. Според весникот Зиддојче цајтунг, тоа ретко се случува. Во 2018 година, само осум таканаречени спонтани информации од САД беа проследени до ФИУ, во 2019 година имаше 52. Далеку повеќе извештаи пристигнаа од германските банки, даватели на финансиски услуги и дилери на недвижности или луксузни добра. Во 2019 година имаше речиси 115.000 претставки. Бројот на пријави со тоа се зголеми за речиси 50 проценти во споредба со претходната година.

Фотографија: R. Schmiegelt/Future Image/Imago Ímages

Сомнителните случаи бавно или воопшто не се процесираат

Ова е огромен предизвик за вработените. Главно затоа што не се пополнети сите 475 одобрени работни места.  Затоа не е изненадувачки тоа што ФИУ беше критикуван во минатиот мај за фактот дека 36.000 осомничени случаи останаа или не беа конечно процесирани.

„Пријавите на сомнителни случаи во Германија се натрупуваат и не се обработуваат доволно брзо“, критикува Маркус Мајнцер од Мрежата за даночна правда. „Ова е огромен проблем, не само за ФИУ, туку и за нему подредените органи. Затоа што тие мораат да реагираат во рок од три дена за воопшто да можат да стопираат сомнителна трансакција.

Никој не сака да преземе одговорност

Обвинителите, агенциите за спроведување на законот и полицијата не се подготвени и немаат ресурси за правилно вршење на работата. „Сметам дека недостасува политичката волја за навистина сериозно справување со оваа тема“, се жали Мајнцер. Слични обвинувања доаѓаат од политичарката на партијата на Зелените, Лиза Паус. Со години, ФИУ одбиваше каква било одговорност во разоткривањето на финансискиот криминал. „ФИУ стана симбол на хаосот во борбата против перењето пари во Германија“, вели Паус.

Германскиот министер за финансии Олаф ШолцФотографија: Michael Kappeler/dpa/picture-alliance

Во надлежното министерство, разбирливо,  на тоа се гледа сосема поинаку. „Германскиот министер за финансии Олаф Шолц постапи правилно кога, откако стапи на функцијата во 2018 година, презеде опсежни мерки за масовно интензивирање на борбата против перење пари“, се вели во реакцијата на истражувањето на ФинЦЕН „Колку што знаеме, предметите поврзани со Германија, кои сега станаа познати, беа разгледани и беа извлечени потребните заклучоци“, соопшти министерството.

Повик за европски надзорен орган

Да се натераат банките побрзо да ги пријавуваат сомнежите, да се зајакнат надзорните органи за да си ја вршат својата работа и да се подобри меѓународната соработка. Овие се чини дека се клучните точки за да се избегне перењето пари во иднина. И европратеникот од редовите на Зелените, Свен Гиголд, смета дека она што досега се случило е недоволно. Тој зборува за „државно потфрлање во големи размери“ и во порака на Твитер бара: „Ова мора да биде повик за будење за зајакнување на заедничкиот надзор на перењето пари со европски ФИУ“.

Фотографија: Imago Images/Cronos/M. Nagy

Маркус Мајнцер исто така се залага за надзорен орган на европско ниво со полициски истражни овластувања. Тој исто така повикува на повисоки казни за перење пари и повисоки казни за вклучените банкари. „Потребна ни е и поголема транспарентност за сите изречени парични казни“, вели Мајнцер. Треба да бидат именувани банките кои биле вклучени во трансакции за перење пари и изречените казни исто така треба да бидат објавени во јавноста.

Ваквите вести тогаш би можеле да ги погодат цените на акциите на банките и да ги мотивираат да преземат поодлучни чекори против перењето пари. Во моментов, според Мајнцер, пријавите на сомнителни трансакции се повеќе алиби. „Како писмо за изземање од одговорност, што банките го користат за да си ги измијат рацете во невиност во случај да избие скандал на крајот или да им заsвони јавното обвинителство“.

 

Сабине Кинкарц новинарка на ДВ
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми