1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Финците и Русите повеќе не се разбираат

Тим Крон (ард)/ А.Трајковска 5 ноември 2014

Речиси во ниедна друга земја во Европа последиците од санкциите против Русија не се толку видливи како во Финска. Бројот на руски туристи е намален за 40 проценти, а пограничните области бележат огромни економски штети.

Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Saukkomaa

Топи Риута има добри аргументи. Човекот стои во неговиот луксузен бутик во Лапенранта и ги презентира најфините ткаенини на сезоната. „Овде, овој 'Армани' костум кај нас чини 850 евра. Во Санкт Петербург за него плаќаат трипати повеќе“, вели тој. Регалите на Риута сега се полни, а неговата продавница е празна.

Имено ги нема муштериите од Русија. Во финскиот град Лапенранта, оддалечен само 200 километри од Санкт Петербург, годините на бум се дефинитивно минато. Мината година руските муштерии тука оставија скоро половина милијарда евра. Тоа беше некогаш: „Според нашите пресметки, нашиот обрт би морал да биде повисок за 40 до 50 проценти, доколку ситуацијата во Украина и во Русија би била нормална“, вели Риута.

Во Финска ништо повеќе не е нормално. Ниту костумот од „Армани“, ниту сета друга дизајнерска понуда, дури ни рибата долу во пристаништето, се чини дека ништо повеќе не се продава. Рубљата е слаба, бројот на руски гости во Финска е намален за 40 проценти. Тоа тука го чувствуваат сите.

Среде криза

„Нема да има брзо решение. Тука стоиме пред еден структурен проблем, со кој уште долго ќе се занимаваме“, вели Јухана Аунеслуома. Тој раководи со Европа- институтот во Хелсинки. „Финска не се лизга во кризата. Финска е веќе среде криза“, смета експертот. Аунеслуома покажува на географската карта зад него. Прејасно се гледа 1.600 километри долгата граница меѓу Финска и Русија. „За Финска ситуацијата е изворедно тешка. Тоа што токму економските санкции беа избрани како инструмент на ЕУ против Русија, овде веднаш го чувствуваме. Ние на многу нивоа имаме тесни врски со Русија, така што санкциите многу ни штетат“.

Фотографија: picture-alliance / dpa

Ниту една друга земја во Европа не е толку директно погодена. Русија се грижи за енергијата во Финска: земјен гас, нафта, атомска енергија, речиси сѐ е во руски раце. Соседот на истокот за Финците беше далеку најважен трговски партнер. И сега?

Максим Песошински, агент за недвижнини од Русија речиси да нема повеќе работа. Пред една година тоа беше поинаку. Многумина Руси кои добро заработуваат купуваа викендички околу идиличните езера и шуми во оклината на Лапенранта. Сега меурот пукна. Многу куќи се празни. „Јас воопшто не сфатив кога сето почна. Се сеќавам на Олимписките игри во Сочи и дека рубљата потоа значително загуби од вредноста“, вели тој.

Прво дојде кризата, а потоа Крим. И без Украина и без сите санкции, за Лапернранта немаше да биде подобро, смета агентот за недвижнини. Но, новата недовeрба уште повеќе ја влошува ситуацијата, вели тој: „Имав неколку навистина интензивни дискусии со Финците. Тие во меѓувреме веруваат дека Путин бил монструм и незнаел повеќе што прави. Но, за мене тој останува мој претседател. Тој знае што прави, тој е професионалец“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми